full screen background image
Search

Освежување за Porsche Cayenne, претставен новиот хибрид и твин-турбо V6!

Porsche го претстави освежениот Cayenne, а најважен новитет се новиот Plug-In Hybrid со 410 коњски сили, како и твин-турбо V6 моделот со 420 коњски сили кој го заменува Cayenne V8.

Она што денес го гледаме е само екстериерот – Porsche сè уште нема објавено слики од ентериерот на освежениот Cayenne. Сепак, измените се забележливи, а особено интересно изгледаат PDLS LED светлата кај Cayenne Turbo. Измени има околу целиот автомобил и можеме да кажеме дека ова е еден од ретките примероци каде фејслифтираниот модел изгледа исто толку привлечно, ако не и попривлечно од оригиналниот модел.

Секој нов примерок на Cayenne ќе добие подобрен автоматски старт-стоп систем, а за прв пат се користи и активна аеродинамика за подобрување на отпорот на воздух, а со тоа да се намали потрошувачката. Новитет е Cayenne S E-Hybrid кој според Porsche е првиот Plug-in хибрид во сегментот на премиум SUV возила. Системот е истиот кој го знаеме од Panamera и користи 95-коњски електромотор кој соработува со 3-литарски V6 бензинец со компресор, за вкупна системска моќност од 410 коњски сили. Забрзувањето до 100 километри на час трае 5.4 секунди.

Интересен новитет е новиот твин-турбо V6 бензинец кој е замена за атмосферскиот V8 бензинец со 395 коњски сили кој досега се вградуваше во Cayenne. Твин-турбо бензинецот испорачува 420 коњски сили, забрзувањето до 100 километри на час трае 5.2 секунди, а максималната брзина е 257 километри на час.

Повеќе информации ќе имаме на саемот на автомобили во Париз, а во меѓувреме можете да го прочитате нашиот тест на Porsche Cayenne Diesel.

Поврзано:   Најмоќната Porsche Panamera е плаг-ин хибрид со 700 коњски сили!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.