ТЕСТ: Porsche Cayenne 3.0 Diesel – Спортски луксузен теренец со рационално срце! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Porsche Cayenne 3.0 Diesel – Спортски луксузен теренец со рационално срце!

Новата, втора генерација на теренецот од Штудгарт носи сериозни промени кај најпрофитабилниот модел на Porsche, а ние имавме можност одблизу да ги видиме и препознаеме неговите квалитети.

Заради природата на овој автомобил и возбудата која тој ја нуди – овој тест ќе го пишувам во прво лице, за да можам полесно и подобро да ги пренесам моите импресии.

Првата работа која ја почувствував додека се приближував кон големиот Cayenne е возбуда – ретки се шансите да се седне зад воланот на едно Porsche. Во ред, многумина би рекле дека ова не е вистинско Porsche, и дека дизелскиот агрегат кој се најде во нашиот тестен модел е сквернавење на иконата, но сите тие би згрешиле. Разберете го Cayenne како способен спортски теренец и одличен крузер за подолги релации, и работите веднаш стануваат појасни.

Зад воланот, возбудата продолжува. Седам зад воланот на Porsche! Првите неколку моменти ги поминувам во нежно галење и допирање на сите површини. Чувството на премиум и луксуз е неизбежно. Материјалите се фантастични а финалната обработка единствено може да е подобра кај автомобили кои чинат многу повеќе пари.

Воланот е совршено позициониран и димензиониран, и за среќа срцевината веќе не е триаголна како кај минатиот Cayenne. Кожните седишта се обвиени со најквалитетна кожа – а чувството на вистинска кожа е незаменливо. Сите контроли се јасни, разбирливи и пријатни за користење. Возачката позиција е висока и доминантна, и искрено – да не се седи повисоко од обично, во ниеден момент не би помислил дека седам во висок теренец. Внатре во Cayenne се чувствував како да седам во голем луксузен автомобил.

Поврзано:   Златно Тркало 2024: Победници се Porsche Panamera, Audi Q8, Volkswagen ID.7, Opel Corsa и Mazda CX-60!

Во ред, одиме понатаму – како е навистина зад воланот? Опремен со 3-литарски турбодизелски агрегат кој испорачува 245 коњски сили и 550 Nm вртежен момент, Cayenne многу лесно се справува со градскиот метеж, но и со брзини кои се воглавно наменети за отворен пат. Максималните коњски сили се достапни на 3.800 вртежи во минута, а сиот тој вртежен момент е достапен веќе на 1.750 вртежи во минута. При агресивно притискање на педалата за гас, DSG (кој во овој случај се вика PDK) менувачот симнува два-три степени од преносот и автомобилот забрзува линеарно и моќно. Можеби 7.6 секунди до 100 километри на час и не делуваат како да се премногу брзи, но да ве потсетам дека тука зборуваме за автомобил кој тежи скоро 2.100 килограми и кој може да постигне сосем доволни 220 километри на час.

Но она што изненадува е подготвеноста Cayenne да ги напушти асфалтираните патишта и да ги освои териториите кои се подалеку од урбаните средини. Погонот на сите четири тркала подготвено ги совлада сите предизвици кои му ги поставивме. Интересно е што и покрај тоа што ги напуштивме мазните улици, и на погруб терен Cayenne се движи смирено и опуштено.

За практичноста нема потреба многу да зборуваме – ова е голем автомобил кој лесно ќе го проголта целото ваше семејство и целиот ваш багаж. На задната клупа има повеќе од доволно простор за да седнат тројца, а багажникот нуди импресивна зафатнина од дури 670 литри со исправени седишта, или 1780 литри со спуштени. Сакате да пренесете фрижидер за длабоко замрзнување до новата викендица? Нема никаков проблем!

Тестниот модел кој го возевме беше опремен со навистина многу играчки. Нема да имаме место да ги наведеме сите – но можеме да ја спомнеме адаптивната шасија, навигацијата, автоматското затворање на вратата од багажникот, големи фелни, би-ксенон и уште многу ситници кои во ваков луксузен автомобил значат многу!

Некои би помислиле дека ваков автомобил, опремен со волку многу опрема и прилично моќен дизелски агрегат би бил неекономичен. Она што дури и мене ме изненади е фругалноста на моторот кој се криеше под поклопецот на моторот. Но прво – не можам да најдам зборови да ја опишам мирната работа на моторот, во било кој режим на работа. Некој лаик сигурно нема да препознае дека се работи за дизелско срце – кај кое покрај перформансите, една од најважните карактерни особини е потрошувачката. Низ град но и надвор од асфалтираните улици, ние измеривме потрошувачка која едвај надминуваше 10 литри на 100 изминати километри!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Porsche Taycan Turbo GT има повеќе од 1100 коњски сили!

На крајот, остануваат само импресиите од времето поминато зад воланот на едно Porsche. Значката си ја носи својата тежина и секако го издвојува Cayenne од конкуренцијата. Перформансите, талентот за возење надвор од асфалтот, но и импресивниот луксуз  се атрибути кои сосема добро го опишуваат Cayenne, и навистина е тешко да се најде замерка на ваков автомобил.

  • 3.0-литарски V6 турбо-дизелски агрегат
  • Моќност: 245 коњски сили / 3800 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 550 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 220 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.6 секунди
  • Должина: 4846 mm
  • Ширина: 1939 mm
  • Висина: 1705 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2895 mm
  • Багажен простор: 670 литри
  • Потрошувачка: 10.5 литри на 100 км (измерена, градска)
  • Основна цена: Porsche Cayenne 3.0 V6 Diesel – 76.969 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Porsche Cayenne 3.0 V6 Diesel – 96.380 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.