Германскиот тим на овогодинешниот Le Mans повторно ја демонстрираше својата доминација со освојување на првото и второто место, додека на третото место се најде Toyota!
Возачите Marcel Fassler, Andre Lotterer и Benoit Treluyer кои го возеа автомобилот број 2 на Audi стигнаа до победата откако автомобилот на Toyota кој беше во водечката позиција и возен од Kazuki Nakajima (воедно, тој ја имаше и пол-позицијата) мораше да се повлече заради електрични проблеми во 15-тиот час од трката.
Автомобилот на Audi ја водеше трката додека не мораше да се повлече во боксот за да му биде заменет турбополнач, во 17-тиот час од трката, а тоа му дозволи на автомобилот бр. 1 на Audi, возен од Lucas di Grassi, Marc Gene (кој беше замена во последната минута за Loic Duval кој имаше голем судар за време на подготовките) и шампионот Tom Kristensen да ја води трката до 21-виот час, кога и тој автомобил имаше проблеми со турбополначот. Ова му го даде водството на автомобилот број 20 на Porsche, кој го возеа Timo Bernhard, Brendon Hartley и Mark Webber. Овој автомобил беше во водство сè додека не мораше да ја напушти трката заради проблеми со менувачот, и да заврши на конечното 38-мо место.
На крајот, автомобилот со број 2 на Audi стигна до победата, додека зад него се најде автомобилот со број 1, исто така на Audi. На третото место заврши автомобилот со број 8 на Toyota Racing, кој го возеа Davidson, LaPierre и Buemi.
Во LMP2 класата, Jota Sport Zytek Z11SN-Nissan автомобилот, возен од Simon Dolan, Harry Tincknell и Oliver Turvey ја освои победата, а интересно е што првите пет LMP2 автомобили беа сите автомобили на Nissan.