Доминацијата на Иџе продолжува – моторот му откажа, но сепак стигна прв на целта! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Доминацијата на Иџе продолжува – моторот му откажа, но сепак стигна прв на целта!

Најдобриот македонски возач не ги победи само своите конкуренти, туку и целата полска елита, иако на 100 метри пред целта откажа моторот на неговото возило!

На крајно импресивен и убедлив начин најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски-Иџе стигна до својата четврта победа во групата Н во шестата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки што се возеше во Лиманова, Полска. На патеката долга 5.490 метри Иџе, со своето Mitsubishi Lancer Evo IX, го сруши рекордот за групата Н и ги победи не само конкурентите од Европскиот шампионат, туку беше подобар и од комплетната полска елита која се натпреваруваше за нивното домашно првенство.

Сепак, некако се навикнавме секоја трка за Иџе да му носи нови проблеми, а ниту Полска не беше исклучок. Овојпат, моторот повеќе не можеше да го издржи напорот и “пушти душа“:

– На околу 100 метри пред целта пукна еден од клиповите и до крајот целото масло се излеа на патеката. Моторот е комплетно уништен, да не речам „за фрлање.“ Потоа имавме проблем да го „дошлепаме“ возилото назад на целта каде што не чекаа за мерење, па повторно исто како и во Шпанија мереа дали целиот автомобил е по нормите на ФИА за група Н, што внесе дополнителна нервоза. Се на се, одличен пласман, одличен резултат, но овој дефект е вистинска катастрофа. Така што, по сударите во Чешка и ова што ни се случи во Полска – едвај чекам да се вратиме дома!

Иџе триумфираше во групата Н со вкупно време од двете возења од 4:52.339 минути (2:26.617 и 2:25.722). Зад него беа домашните возачи Марцин Слобоџиан (4:54.172) и Дамиан Лата (4:59.088), па дури потоа најголемиот конкурент за Европското првенство, Чехот Јиржи Лос кој заостана дури 7,5 секунди зад Стефановски! Сепак, бидејќи Слобоџиан беше пријавен само за полскиот, а не и за европскиот шампионат, Лос е третопласиран во бодувањето за ЕП.

Севкупен победник на трката во Полска е Чехот Милан Бенеш со болид Осела ФА-30 и вкупно време од 4:07.222. Колку е вреден резултатот на Иџе покажува и фактот што тој во генерала има деветто време од 76 натпреварувачи колку што го комплетираа викендот во Лиманова. Зад нашиот ас останаа и болиди и прототипови и други автомобили од посилните класи и групи од онаа во која се натпреварува Стефановски.

Во генералниот пласман, Иџе сега има вкупно 118 (од 125 можни), а Лос 94 поени. Зголемувањето на предноста се должи на подобриот пласман на Стефановски во Полска, но и на правилото на ФИА според кое по половина од сезоната се брише најслабиот пласман. Стефановски остана без 7,5 бода од Португалија, додека салдото на Лос е намалено со 12,5 поени од истата трка. Зад нив се претставниците од групата А, Кристијан Швајгер од Австрија и Јаромир Мали од Чешка.

Следната трка се вози за две недели во Асколи, Италија. На крајот, пренесуваме едно мало интервју со Иџе за еден полски медиум кој ги покрива трките.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.