Средовечно подновување за Volkswagen Jetta – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Средовечно подновување за Volkswagen Jetta

Volkswagen ја разоткри освежената Jetta која ќе биде јавно претставена при крајот на неделава на автомобилскиот саем во Њу Јорк.

Нејзините измени започнуваат од предниот дел, каде добила нови би-ксенон светлосни групи со вградени Led дневни светла, нови решетки и редизајниран браник, што ја прават на изглед слична на поголемиот модел Passat. На задниот дел се забележува изменет поклопец на багажникот, подновен заден браник, како светла со LED технологија кај повисоките нивоа на опрема. Според Германскиот бренд, овие измени придонеле за значително подобрување на аеродинамиката на возилото.

Во внатрешноста можат да се најдат минимални промени – хромирани детали на централната конзола и инструментите, нов мултифункционален волан, нови контроли за вентилацијата и елементи покриени со сјајна црна боја. Во понуда се и нови материјали, бои и дизајни на седиштата, амбиентално светло и дополнителни детали од хром.

Редизајнираната Jetta може да се добие со голем асортиман на системи за безбедност како детекција на објект во слепата точка, предупредување за директен судир и предупредување за сообраќај позади автомобилот.

Бидејќи сеуште вози на платформата од петтата генерација на Golf, обновената Jetta ја носи истата гама на мотори. Единствен исклучок е новиот 2.0-литарски TDI агрегат со 150 коњски сили и 320 Nm, со кој беше снабден нашиот Golf VII на тест.

Редизајнираната Volkswagen Jetta ќе биде прикажана на саемот за автомобили во Њу Јорк пред да излезе на продажба во втората половина од годинава.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.