ТЕСТ: Ford Focus 1.0 EcoBoost Trend – Пријатно изненадување! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Focus 1.0 EcoBoost Trend – Пријатно изненадување!

Ја имавме можноста да поминеме неколку стотици километри со Ford Focus опремен со 1-литарски Ecoboost мотор – и останавме изненадени и импресионирани од малиот турбо мотор на Ford!

Веќе добро го познаваме Ford Focus – всушност, пред малку повеќе од една година возевме Focus седан опремен со 1.6-литарски турбодизел со 95 коњски сили. По неколку дена поминати во неговиот малку помлад брат, овој пат опремен со 1-литарски Ecoboost мотор со 100 коњски сили, со задоволство можеме да кажеме дека позитивните импресии се сè уште тука.

Сигурни сме дека веќе добро го познавате Ford Focus во седан изведба – тој е редовна појава на нашите улици. Неговиот модерен дизајн можеби не е по сечиј вкус, но мораме да признаеме дека изгледа свежо, современо и се издвојува од на моменти „здодевната“ конкуренција.

ford-focus-ecoboost-rear

Но сепак, она за кое навистина сакаме да зборуваме денес е EcoBoost моторот кој се крие под поклопецот на овој Focus. Моторите со ознака EcoBoost се всушност мали, бензински, турбо мотори кои треба да ги заменат традиционалните атмосферски бензинци со помоќни, позабавни, но и поекономични алтернативи.

ford-focus-ecoboost-side

Малиот, 1-литарски EcoBoost кој беше во нашиот Focus е токму тоа – мал! Сигурно веќе сте слушнале дека блокот на моторот е толку мал, што може да го собере на еден лист хартија во А4 формат. Првите импресии се прилично позитивни – малиот три-цилиндарец работи рафинирано и тивко, без вообичаените вибрации кои обично се резултат на работењето на само три цилиндри. Моторот нуди 100 коњски сили и 170 Nm вртежен момент – доволно за Focus да постигне 100 километри на час за 12.6 секунди и максимална брзина од 187 километри на час. Не се перформанси од кои се наежува кожата, но сосема респектабилни перформанси за еден фамилијарен седан од компактната класа. Впарен со 5-степен мануелен менувач (навистина би сакале да е 6-степен), моторот сосема солидно ја придвижува каросеријата на Focus.

Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

За вистински да ви објасниме колку е значаен овој мотор за Ford, треба да зборуваме малку и за технологијата која е дел од него. Инженерите на Ford навистина го инвестирале сето свое знаење во моторот. Да започнеме со самиот факт дека моторот има три цилиндри – со што се намалуваат загубите од триење и пумпање. Понатаму, има посебен разделен систем за ладење кој е вграден во главата од моторот и му помага побрзо да постигне оперативна температура, со што се намалува потрошувачката и загадувањето. Навистина е интересен начинот на кој инженерите на Ford ги елиминирале вибрациите кои се карактеристични за три-цилиндерските мотори – наместо да вградат традиционална балансирачка оска која само ќе ја зголеми комплексноста на моторот и ќе ја зголеми цената, тие всушност го дебалансирале замаецот, со што го постигнале посакуваниот ефект, односно ги минимизирале вибрациите.

ford-focus-ecoboost-front

Она што навистина изненадува е економичноста на Focus опремен со 1-литарски Ecoboost. Според официјалната спецификација, надвор од градските средини потрошувачката изнесува 4.2 литри на 100 километри – ние измеривме навистина блиски 4.7 литри. Од друга страна, Ford кажува дека во град Focus Ecoboost троши 6 литри на 100 километри – ние успеавме да измериме импресивни 4.9 литри со крајно дефанзивно возење, а во нормален градски метеж измеривме незначително повеќе од официјалните 6 литри на 100 километри.

Да, при поагресивно возење потрошувачката расте и до високи 9.5 литри на 100 километри, но при релаксирано возење, таа е драстично пониска. Тука огромна улога игра и Старт-Стоп системот кој го гаси моторот кога чекате на семафор, и повторно го стартува при притискање на педалата за спојката на автомобилот.

ford-focus-ecoboost-side-rear

Кога зборуваме за опременоста – можеме да кажеме дека од сета понудена опрема ни недостасуваше само темпомат и електрично придвижување на задните прозорци. Од друга страна, нашиот Focus во Тренд ниво на опрема имаше серво управувач, мануелен клима уред, USB приклучок за аудио системот, неколку воздушни перници и сите потребни безбедносни системи. Како и кај C-Max, и кај Focus ќе забележиме на малку непрактичните команди на воланот, а забележуваме и на носачите од поклопецот на багажниот простор кои морате да ги имате во предвид кога се пакувате за подалечен пат, бидејќи ако не зачувате простор за нив, нема да можете да ја затворите вратата од багажникот. Би сакале да има и темпомат, но тоа е достапно во повисоко ниво на опрема.

Поврзано:  Ford се согласи дека плановите за целосна електрификација до 2030 се „премногу амбициозни“

ford-focus-ecoboost-interior-2

Практичноста е на завидно ниво – во внатрешноста има сосема доволно простор за четири патници (по потреба и пет) и нивниот багаж – на располагање ви се 421 литар багажен простор. И безбедноста е одлична – тестиран во 2012-тата година, Ford Focus има одлични 5 ѕвездички на Euro NCAP тестирањата.

ford-focus-ecoboost-euro-ncap

Доколку решите да купите Focus во Тренд ниво на опрема, би ви препорачале да предвидите уште малку финанисии во буџетот за да нарачате  и алуминиумски фелни кои дополнително ќе ја комплетираат сликата за автомобилот. На автомобил од оваа класа едноставно не му доликува да нема алуминиумски фелни.

ford-focus-ecoboost-wide

На крајот, најверојатно и нема потреба повторно да зборуваме за она што највеќе го сакаме кај Focus – неговата управливост и директност. Едноставно, вистинско задоволство е да се управува со Focus по кривулести патишта, а малиот турбо-полнето мотор само го зголемува чувството на забава. „Држете“ го моторот на вистинските вртежи и прогресот е инстантен и забавен, а дури и звукот кој доаѓа од трите цилиндри е интересен, па можеме да кажеме дури и привлечен.

ford-focus-ecoboost-details

Иако веќе го познаваме моторот од нашиот тест на малиот B-Max, сепак некако поинаку го доживеавме во Focus. Солидната опременост, моторот кој истовремено нуди забава и економичност, но и одличната управливост се силни аргументи за Focus. Кога на сето тоа ќе го додадеме и современиот дизајн, останува само да го препорачаме Focus на сите оние на кои ги ценат овие вредности. Да, намената на Focus Sedan е првично фамилијарната практичност, но тоа не значи дека не може да биде забавен, нели?

  • 1-литарски турбо-бензински агрегат, 3 цилиндри
  • Моќност: 100 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 170 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 187 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.6 секунди
  • Должина: 4534 mm
  • Ширина: 1823 mm
  • Висина: 1484 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2648 mm
  • Багажен простор: 421 литар
  • Потрошувачка: 6.0 (официјална, градска), 5.8 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Focus Sedan 1.0 EcoBoost Trend – 15.800 Еврa
    Напомена: Во моментот на објавување на овој тест, Focus Hatchback 1.0 Ecoboost Trend се нуди акциски за 11.990 евра
  • Повеќе информации: Ford.mk
Поврзано:  Новиот Ford Mustang GT пристигна во Македонија!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.