full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Adam 1.4 – Градски шармер со милион комбинации!

Малиот Adam е најмалиот член на фамилијата на Opel, но има многу нешта кои го издигнуваат високо над другите модели.

Интересен е замавот кој Opel го зема со последните неколку модели. OPC моделите секогаш биле привлечни и интересни за ентузијастите, но во последно време Opel се обидува да се издигне скалило погоре во хиерархијата на автомобилските производители и да се постави себеси како бренд со скоро нескриени премиум аспирации.

Значи, Opel Adam. Она што уште од првиот момент асоцира на храброст кај Opel е токму избраното име. Името кое овој модел го носи е во чест на Adam Opel, човекот кој ја основал компанијата во далечната 1862-ра година. Дали името е успешно или не е работа за која можеме долго да дискутираме, но сепак, би го оставиле именувањето на модели по основачите на Италијанците, каде основачите се викаат Enzo, Horacio или Ferrucio.

opel-adam-side

Интересна – и храбра – е замислата на Opel за малиот Adam. Моделот е замислен да биде конкуренција на малите премиум автомобили како што се Fiat 500, Mini, DS3, но и Audi A1. Во категоријата каде персонализацијата на автомобилите владее, Adam навистина може да понуди многу. Ако се земат во предвид сите можности за персонализација, Adam може да се нарача во една од 61.000 комбниации за екстериерот или 81.000 за ентериерот. На кого му оди математиката може да пресмета колку вкупно комбинации се тоа.

opel-adam-rear

Да започнеме со надворешниот дизајн. Гледан од напред, Adam изгледа интересно, дури привлечно. Големата насмевка и интересно поставените предни светлосни структури му даваат привлечен лик на малиот автомобил, а предниот дел кој е ниско до подлогата го прави да изгледа како мала бубачка, подготвена за интересни маневри. Од страна веќе приказната е малку различна – кровната линија која неприродно опаѓа по Б-столбот визуелно значително го скратува Adam и ја нарушува страничната хармонија. Задниот дел е со најмногу компромиси – за да биде вратата од багажниот простор поголема,задните светлосни структури морале да бидат помали – дури премали за наш вкус. Интересните 16-инчни фелни со кои беше опремен нашиот тестен модел ја заокружуваат сликата за мал, тренди и интересен градски автомобил кој без соменение ги привлекуваше погледите на минувачите.

Поврзано:   Opel ја освежи Astra - и полека но сигурно ја префрла на технологии од PSA

opel-adam-interior2

Местото каде малиот Adam навистина е во својот елемент е ентериерот. Се гледа дека дизајнерите и инженерите на Opel посветиле внимание на амбиентот. Нашиот тестен модел дојде со навистина многу опрема – комфорни седишта, голем мултимедијален уред со IntelliLink, управувач и менувач обложен со кожа и уште многу, многу други ситници кои навистина го издигнуваат Adam нагоре. На предните седишта има доволно простор за возачот и совозачот, но да бидеме искрени, на задните седишта ќе собере само две од седумте џуџиња. Она што ни беше особено интересно е „небото“ кое се најде на внатрешната страна на кровот во нашиот Adam – интересен, весел и привлечен детал. Малку ќе забележиме на квалитетот на некои од пластиките во ентериерот – автомобил кој би сакал да се натпреварува со поскапи модели би требало да избегнува тврди пластики.

opel-adam-interior

Градскиот метеж е токму местото каде Adam припаѓа и најдобро се снаоѓа. Малите димензии го прават одличен за маневрирање низ метежот и тесните улици, а прегледноста е генерално добра без големи слепи точки. Одличен додаток е City режимот на серво-управувањето кое дополнително го олеснува вртењето на управувачот и навистина го прави маневрирањето и паркирањето лесно и едноставно. Моторот кој го придвижуваше тестниот модел беше со зафатнина од 1.4 литри и 100 коњски сили. Далеку од врескачки перформанси, но 100 километри на час пристигнуваат за 11.5 секуди а максималната брзина е скоро 200 километри на час. Возејќи низ град, борд компјутерот покажа потрошувачка од околу 8.4 литри бензин на 100 изминати километри.

opel-adam-front-2

Заради краткото меѓуоскино растојание Adam е забавен и управлив за возење, но забележливо е дека автомобилот е ориентиран кон комфор и леснотија при возење наспроти спортско однесување. Суспензијата е мека и ги впива сите нерамнини, но резултат на тоа е навалувањето во свиоци. На отворен пат Adam е комфорно место за седење со солидна звучна изолација, но би сакале менувачот да беше со шест степени на пренос наместо достапните пет, како дополнително би се намалила бучавоста од моторот.

Поврзано:   Протекоа првите фотографии од новата Opel Corsa

Adam одлично поентира и кога станува збор за безбедноста – освоените четири ѕвездички на Euro NCAP тестирањата се одличен резултат, а нашиот модел дојде со шест воздушни перничиња, ABS, EBD и уште цела низа други системи се од исклучителна важност.

opel-adam-euro-ncap

На крајот останува да донесеме заклучок – а заклучокот се наметнува самиот. Adam е возило во кое Opel навистина вложува многу, но и се надева на соодветна реакција кај купувачите. Можностите за персонализација, како и интересните дизајнерски елементи се вистински хит кај денешните купувачи. Adam е наменет за помладите купувачи, оние кои повеќе ја ценат уникатноста и стилот во однос на практичноста и перформансите, а ако го земеме тоа во предвид, Opel Adam е вистински хит. Бидете подготвени за некои компромиси и ќе добиете мал градски автомобил со многу шарм и младешки дух!

opel-adam-rear-2

  • 1.4 литарски атмосферски бензински агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 100 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 130 Nm / 4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 185 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.5 секунди
  • Должина: 3698 mm
  • Ширина: 1720 mm
  • Висина: 1484 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2311 mm
  • Багажен простор: 173 литри
  • Потрошувачка: 7.3 (официјална), 8.4 (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Opel Adam Jam 1.4 Ecotec 100 15.005 EUR
    Цена со попуст: 14.045 EUR

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.