Германците продолжуваат со најавувањето на малиот Crossover изграден врз основата на успешната А-Класа – овој пат ја претставуваат најмоќната, AMG изведба!
Како и другите AMG варијанти базирани на А-Класата, и GLA 45 AMG ќе го добие истиот 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 360 коњски сили и импресивни 450 Nm вртежен момент. Благодарение на овој мотор GLA 45 AMG ќе забрзува до 100 километри на час за 4.8 секунди и ќе постигнува максимална (електронски ограничена) брзина од 250 километри на час. Моќноста ќе се пренесува кон сите четири тркала преку AMG SPEEDSHIFT DCT 7-брзинскиот менувач со двојна спојка.
Според NEDC (New European Driving Cycle), GLA 45 AMG ќе троши само 7 литри гориво на 100 изминати километри и ќе има емисија од 175 грама CO2 на изминат километар, а главната целна група на Mercedes-Benz за ова возило се помладите возачи кои живеат динамичен живот и на кои им е потребно возило кое повремено би можеле да го возат надвор од асфалтираните патишта.
Секако, бидејќи се работи за AMG модел, автомобилот кој купувачите ќе го добијат ќе биде со рачно склопен мотор од страна на AMG инженер, а самиот автомобил ќе може да биде модификуван според желбите на купувачот. За најбрзите ќе се нуди и AMG Edition 1 кој ќе нуди ексклузивни надворешни и внатрешни детали.