Автономните возила ќе доминираат од 2050 година! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Автономните возила ќе доминираат од 2050 година!

Според истражување направено од IHS Automotive, автономните возила ќе започнат да земаат сериозен замав уште во 2020, а до 2050-та година скоро сите возила ќе бидат автономни!

IHS Automotive е компанија која се занимава со предвидување на идните автомобилски трендови, а според нивното најново истражување веќе во 2035-тата година на патиштата на нашата планета ќе се возат 54 милиони само-управувачки автомобили.

Според нив, годишната продажба на автономни возила ќе изнесува околу 235.000 во 2025-тата година, но таа бројка ќе почне нагло да расте и веќе до 2035-тата година продажбата ќе достигне 11.8 милиони возила годишно. Храбра естимација, но не е нереална, со оглед на тоа кои компании се  инволвирани во процесот на развивање на автономните возила – колку за споредба, до сега Google има регистрирано над 500.000 милји – односно малку над 800.000 километри – со својата флота на автономни возила!

autonomous-prius

Пенетрацијата на автономни возила продолжува и зема сè поголем замав – веќе неколку од сојузните држави во Америка издејствуваа легислатива која дозволува тестирање на автономни возила на нивните патишта. Последна меѓу нив е сојузната држава Мичиген, која им се придружува на Флорида, Невада, Калифорнија и Пенсилванија.

Анализата на IHS Automotive кажува дека во 2025-тата година продажбата на автономни возила ќе изнесува само 0.2 проценти од вкупната бројка на продадени возила, но дека до 2035-тата година таа бројка ќе порасне на 9.2 проценти, како што ќе стануваат ваквите возила сè подостапни. IHS Automotive предвидува дека системите кои се потребни за автономно функционирање на возилата ќе ја зголемуваат цената на обичните автомобили за 7.000 до 10.000 долари, но дека таа маржа постепено ќе се намалува и ќе се симне на само 3.000 долари до 2035-тата година.

autonomous-passat

„Придобивките кои би се добиле со воведувањето и омасовувањето на само-управувачките возила се значителни – значително би се намалила бројката на сообраќајни несреќи и жртви, но ќе се намалат и метежите и загадувањето бидејќи возилата можат да бидат испрограмирани да работат што е можно поекономично“ – изјави Egil Juliussen, главниот аналитичар задолжен за оваа анализа на IHS Automotive.

Сепак, IHS Automotive изрази загриженост околу евентуалните ризици на оваа технологија – имено, доверливост на софтверот, но и безбедноста на софтверот и заштитата од несакани интервенции. Првиот чекор кон избегнување на овие ризици би било воведување на легислатива која точно ќе ги пропише условите за автономните возила.

Извор: IHS Automotive преку Detroit News



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.