Corolla е најпродаваниот автомобил во историјата. Кога Toyota најавува нов модел, сите внимателно гледаат и слушаат, бидејќи токму тоа е автомобилот кој ќе постави многу критериуми во својата класа.
Пред неколку дена беше претставен моделот наменет за Американскиот пазар, кој освен мали козметички разлики е идентичен со оној кој ќе се продава во Европа. Европската Corolla изгледа модерно и атрактивно, и во целост ја следи дизајнерската насока која Toyota ја претстави со новиот Auris (кој веќе ја имавме можноста да го возиме). Забележливо е и влијанието на Furia концептот, но сепак концептот остана само концепт.
Секако, можеме да ги очекуваме истите погонски единици кои веќе ги познаваме од Auris – а тоа се бензинските 1.33 со 99 коњски сили и 1.6 со 133, а гордоста на дизелашите ќе ја бранат 1.4 D4-D со 90 коњски сили и помоќниот 2.0 D4-D со 124 коњски сили. До сега нема најавена хибридна опција, но знаејќи ја Toyota воопшто нема да бидеме изненадени доколку и таа се појави. Просторната понуда би требало да биде одлична, како и безбедноста. Секако ќе знаеме многу повеќе кога новата Corolla ќе пристигне во Македонија.