Амбициозниот Македонски дизајнер Дејан Христов ја прикажа неговата ретро-футуристичка замисла за јубилеен концепт по повод 100 годишнината на Баварскиот бренд.
Овој концепт оддава почит на Карл Фридрих Рап, човекот кој ги постави темелите на BMW. Приказната започнува во 1913 година, кога Рап, механички инженер од Минхен, ја основа компанијата Rapp Motorenwerke. Идејата за новата компанија била да произведува и продава мотори со внатрешно согорување за авиони и автомобили. Во 1917, Карл Рап заминува од главната позиција на компанијата, која го овозможува фундаменталното реструктуирање во тоа што денес го знаеме како BMW.
По повод 100 годишнина од основањето на BMW, Христов ни го претставува BMW Rapp Concept. Неговата основна идеја била да се опфати историјата на Баварскиот бренд и да се искористат стилски елементи од скоро секој нивен модел кој излегол на пазарот, но и да се имплементираат модерни и футуристички елементи.
Концептот всушност претставува агресивен роудстер со моќен став и две седишта, кај кого доминираат остри линии и заоблени форми, а најистакнат елемент е предната закосена решетка, како кај моделите на BMW од шеесетите и седумдесетите. Неговите врати се отвараат наназад како кај автомобилите од пред Втората Светска Војна, додека поклопецот на моторот се отвара нанапред. Сепак тука се и модерните елементи како остар преден сплитер, големи отвори за вентилација, конкавни фелни и автоматски заштитен кафез.
Една работа е сигурна, ова возило изгледа навистина фасцинантно и успева да се вклопи како наследник на неколку славни BMW модели, како 328, 507 и 3.0 CSL, благодарение на многубројните детали кои Христов ги вметнал во неговиот дизајн.
Погледнете ги и останатите проекти на овој наш дизајнер на неговото портфолио на DeviantArt! – http://dejanhristov.deviantart.com/