Kia Cross GT претставен во Чикаго – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Kia Cross GT претставен во Чикаго

Kia настапи на овонеделниот автомобилски саем во Чикаго со новиот Cross GT концепт, базиран на претходниот GT Sedan концепт.

Дизајниран да ги комбинира убавината и елеганцијата на GT Sedan Concept со функционалноста на кросовер, Cross GT има агресивна појава благодарение на неговите кратки надвисоци и долгото меѓуоскино растојание. Неговиот изглед е доста привлечен и оригинален благодарение на истакнатата решетка, задните врати кои се отвараат наназад и сончевиот кров составен од повеќе стаклени панели.

Што се однесува до неговите димензии, концептот се протега во должина од 4,897mm, широчина од 2,009mm и височина од 1659mm, додека неговото меѓуоскино растојание изнесува 3,099mm. Во споредба со Sorento, овие бројки го прават Cross GT подолг за 213mm, поширок за 124mm, понизок за 41mm, додека неговото меѓуоскино растојание е за 399mm подолго.

Неговата минималистичка кабина е целосно покриена со кожа, панели од Американски орев и мултимедијален систем на допир. Иако има само четири седишта, не би било тешко да се замисли и со седум.

За негово придвижување, моделот користи паралелен хибриден систем кој поврзува 3.8-литарски V6 агрегат, кој е усогласен со осум-степена автоматска трансмисија, како и систем за погон на сите тркала. Хибридниот систем испорачува вкупно 400кс и 677 Nm максимален вртежен момент. Кросоверот може да патува до 32км само на електрична енергија која произлегува од мал електричен мотор кој е монтиран помеѓу моторот и менувачот.

Kia не спомена дали концептот ќе излезе во производство, но нивниот ново назначен претседател Питер Шрејер изјави дека моделот прикажува една можна дизајнерска насока за во иднината.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.