Fiat го претстави 500е, кој претставува електрична верзија од нивниот популарен 500 супермини, на саемот во Лос Анџелес.
Електричниот погон на 500е содржи перманентен магнет, три-фазен електричен мотор со сила од 111 кс и 200 Nm вртежен момент, како и литиум-јонска батерија со 97 ќелии и јачина од 24 киловат-часови. Италијанскиот бренд тврди дека за полнење на батериите се потребни само четири часа, користејќи го нивниот 240 волтен модул на полнење. Просечниот ранг со едно целосно полнење е 130 км, иако Fiat вели дека се можни и 160 км со претпазливо градско возење.
Шасијата и суспензијата се променети од стандардниот 500, за да се задржи оргиналното управување на автомобилот покрај додавањето на тежина со електричниот погон.
Надворешноста е благо изменета во споредба со стандардниот 500. За пример, неговата каросерија е доработена во воздушен тунел, резултирајќи со 13 проценти намалување на воздушниот отпор, благодарение на новата предна решетка, страничните прагови, страничните ретровизори, задниот спојлер, задниот дифузер, 15-инчните фелни обвиени во пневматици со низок отпор на триење и панелите поставени под каросеријата.
Палетата на бои содржи пет опции, сива, сребрена, бела, црна и светло портокалова боја, додека ентериерот доаѓа во бела или црна боја со портокалови детали. Инструмент таблата се состои од 7 инчен TFT екран во боја и уште еден 4.3 инчен екран на допир со интегрирана TomTom навигација и hands-free системи за поврзување.
Автомобилот ќе започне со продажба во Калифорнија во 2013, но не се знае дали ќе пристигне и на Европскиот пазар.