Не помина многу време од претставувањето на новиот Volkswagen Golf, а ABT веќе го најави првиот тјунинг програм за дотерување на седмата генерација.
Во понудата ќе бидат вклучени аеродинамичен боди кит, нов сет од лесни алуминиумски фелни, нов издувен систем и пакети за засилување на перформансите на бензинските и дизел агрегати.
Боди китот се состои од преден спојлер, странични прагови, редизајниран заден браник со интегриран дифузер, нова предна маска, веѓи за над предните светла и мрежеста лајсна на петтата врата. Покрај тоа тука се и алуминиумските тркала од 18 и 19 инчи, спортскиот издувен систем со четири издувни цевки, спортско подвозје и ABT графика на ретровизорите.
Што се однесува до засилувањето на моторите, агрегатот 1.2 TFSI може да биде засилен од 86 на 105 кс, 1.4 TFSI од 140 на 165 кс, 1.6 TDI од 105 на 125 кс, 2.0 TDI е засилен на 180 кс, а купувачите ќе имаат на располагање и посилен 2.0 TDI со 210 кс.
ABT Sportsline не ја објави цената, ниту датата на лансирањето на овој пакет.