full screen background image
Search

Mercedes-Benz CLS AMG Shooting Brake

По презентацијата на CLS Shooting Brake, денес ги имаме и податоците за AMG верзијата на овој интересен автомобил! Замислете дека треба да пренесете покуќнина, навистина брзо!

Да започнеме со она што е најважно кај AMG моделите – а тоа се перформансите. Под поклопецот на моторот се наоѓа 5.5 литарскиот V8 бензинец кој е дополнет со два турбо-полначи и испорачува од 525 до 557 коњски сили, во зависност од изведбата во која ќе го нарачате. Секако, тука е и AMG Speedshift MCT 7-брзинскиот спортски автоматски менувач како и AMG RIDE CONTROL спортската суспензија. Како што напоменавме, во моментов може да се нарача или „обичниот“ AMG кој има 525 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, а во ограничена серија ќе се нуди и Edition 1 изведбата, која нуди 557 коњски сили и цели 800 Nm вртежен момент!

Секако, кај CLS AMG Shooting Brake многу е важна изведбата на каросеријата. Со овој автомобил покрај перформансите кои можат да се споредуваат со оние на ракета, ќе добиете до 1500 литри багажен простор! Овој практичен автомобил кој ќе ги задоволи потребите на вашето семејство (и ќе можете да го оправдате пред сопругата заради тоа) ќе ви помогне да го пренесете стариот шпорет на вашите баба и дедо од едно место на друго со забрзување до 100 километри на час од само 4.4 секунди, односно 4.3 секунди ако ја нарачате Edition 1 изведбата. Сметаме дека тоа е сосем оправдано, со цел да ги задоволите потребите на семејството.

Секако, додека екстремно брзо преместувате покуќнина, ќе треба да се чувствувате комфорно и да уживате. Господинот не би требало премногу да се напрега. За вашето опуштање ќе биде задолжен одличниот ентериер кој веќе го познаваме од обичниот CLS, секако со додадени спортски детали. Nappa кожата и луксузните детали во внатрешноста само ја дополнуваат веќе импресивната слика.

Поврзано:   Утринска Гимнастика: Mercedes-Benz S-Class нема потреба од помошник за паркирање

Сега, кога ги имате сите потребни аргументи да ја убедите сопругата да ви дозволи да купите автомобил со 557 коњски сили и 800 Nm, ви посакуваме многу храброст и среќа во обидот да го направите тоа!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.