CARclub.mk на 150-тиот роденден на Opel! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

CARclub.mk на 150-тиот роденден на Opel!

По повод 150-тиот роденден, Opel вчера организираше една посебна манифестација, проследена со малку историја, малку музика но најважно од се’, тест возење на својот возен парк!

Од машини за шиење, до фрижидери и велосипеди за на крај Opel да почне да произведува автомобили кои денес се препознатливи низ цел свет. Opel може да се пофали со исклучително богата историја. Формирана е во 1862 година како производител на машини за шиење. Од тогаш до денес во Opel се промениле многу работи, па така денес после 150 години тие го претставија револуционерниот електричен автомобил Opel Ampera!

Сето ова беше причина плус да се прослави големиот роденден. Прв, свој говор имаше г-дин Иван Кекиќ, директорот на Opel за Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија кој накратко ја раскажа историјата на производителот. Потоа г-дин Иван Бранов ја прикажа успешноста на Opel изминатиот период и уште еднаш не’ потсети на возилата кои Opel ги нуди.

Следуваше делот кој сите го очекуваа – тест возење на електричниот автомобил – Ampera. И ние како дел од оваа прослава имавме можност да седнеме зад воланот на Ampera. Автомобилот кој е прогласен за автомобил на годината за 2012-та, дефинитивно имаше со што да се пофали, а ние и самите се уверивме во тоа дека се работи за впечатлив автомобил, бидејќи додека ја возевме, Ampera успеа да украде многу погледи, а имаше и такви кои се распрашуваа за овој автомобил. Во внатрешноста продолжува футуристичкиот дизајн и квалитетната изработка. Во Ampera удобно ќе се сместат 4 возрасни патници кои притоа ќе уживаат во комфорот и бесшумноста која ја нуди!

Прегледноста е можеби оној детал кој недостасува кај Ampera. Недостатокот најмногу се забележува при возење наназад каде што подигнатиот заден дел игра голема улога, но, со оглед на тоа што е опремена со камера за возење наназад, тој недостаток лесно може да се занемари.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Opel го откри грандиозниот нов Grandland!

Дружењето со Ampera ни претставуваше задоволство. Покрај продолжената автономија, Ampera може да се пофали и со лесно и прецизно управување, голем комфорт и зачудувачки перформанси! Електричниот мотор кој произведува 150 КС и 370 Nm постојан вртежен момент овозможува константно забрзување се’ до електронски ограничената максималната брзина од 169 km/h, што e сосема доволно за нормална употреба. Забрзувањето од место до 100 km/h трае околу 9 секунди, а за до максималната брзина потребни се само уште 6 секунди. При поголеми брзини во кабината не се слуша никаков звук што се должи на аеродинамичноста и одличната изолација.

Најважниот момент кај Ampera е нејзината автономија на возење. Овој модел може да помине до 60 km во целосно електричниот мод, со нулта емисија на штетни гасови. Кога батеријата ќе се потроши, се вклучува бензинскиот мотор задолжен за нејзино полнење, кој го продолжува опсегот до 500 km. По целосното исцрпување на батеријата, таа може да се наполни со вклучување на системот за полнење од возилото во секое домаќинство со електричен приклучок од 230 волти.

Цената на овој модел во Македонија ќе изнесува околу 42,000 евра, но претставниците од Olympia Motors не’ информираа дека има преговори со владата за давање субвенции при купување на Ampera.

Покрај Ampera, имавме можност да се запознаеме одблиску и со новата популарна Astra GTC! Оваа убавица го нуди она што сите го очекувавме, односно спортски дизајн со солидни перформанси. Возењето со GTC исто така претставуваше уживање. Нејзиниот 1,4-литарски турбо мотор со 140 коњски сили овозможува забрзување до 100 km/h за околу 9 секунди. Она што не’ изненади кај овој модел беше звукот на атмосферски бензинец, бидејќи не се слушаше никаков звук од турбото.

На крајот настапи амбасадорот на Opel, Бајага со кого уживавме неколку минути и раскажа за своето искуство со Opel, а потоа ја потпишуваше својата најнова книга.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Opel го откри грандиозниот нов Grandland!

Тимот на CARclub.mk му го честита 150-тиот роденден на Opel и му посакува уште многу успеси во иднина!



Во своите најлуди соништа Димитар вози Ford Fiesta ST, а во реалноста ја обожава својата "нормална" Fiesta. Среќен што е дел од CARclub.