Среќен роденден XJ220! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Среќен роденден XJ220!

Небаре вчера беше денот, кога трчавме до најблиската трафика со парите за ужинка од мама и тато, да го купиме списанието кое на средните страници носеше постер од иконата која доаѓаше во облик на Jaguar XJ220, а веќе поминаа 20 години!

Jaguar ја одбележа 20 годишнината од раѓањето на своевремено најбрзиот автомобил на светот, односно култниот ХЈ220. Овој автомобил беше лансиран во 1992 година кој со својата максимална брзина од 213 mph (343 km/h) беше најбрз автомобил од сериско производство, а ден денешен сеуште го држи тој примат за автомобил со значката на разбеснетата мачка.

Првичното појавување на ХЈ220 било на Британското Мотор Шоу во 1988 година, како концептен автомобил дизајниран од Кит Хелфет. Договорот за производство бил склучен една година подоцна, додека првиот прототип 001 бил комплетиран во 1990 година. Првиот клиент кој се закитил со вакво прекрасно автомобилско дело, морал да чека дури 4 години од оригиналното претставување на концептот, на Британското Мотор Шоу. Производството не било роботизирано или машинизирано, туку се одвивало рачно, во погонот во Блоксам, Оксфордшир. Ова до некаде го поддржува мислењето, дека порано на автомобилите и на производството на истите, се посветувало многу поголемо внимание.

„Виновникот“ за фантастичните перформанси на ХЈ220 има зафатина од 3.5 литри, 6 цилиндри, распоредени во “V” форма, потпомогнати од два турбо полначи. Снагата од 550 КС и вртежниот момент од 644 Nm, преку 5 степен менувач се пренесуваат до задните тркала, кои колку за информација, носат гуми со димензија 345/35. Напредната технологија со која е изработена каросеријата, односно „алуминиумско саќе“, овозможила извонредна цврстина на самиот автомобил, без тоа да оди на данок на тежината на самиот автомобил.

Сребрениот модел во галеријата е еден од 10те предпродукциски модели, кои служеа за тестирање на можностите и способностите на автомобилот. Токму со овој примерок, Енди Волис ја постигна максималната брзина од 343 km/h. Жолтиот модел ја носи ознаката “220-803”, и овој е првиот XJ220 S, кој е сочинет од „позајмени“ делови од тркачките автомобили од Ле Ман. Со сите подобрувања и оптимизации, за овој модел се декларира моќност од 700 КС. Како модел, на јавноста и’ беше прикажан на Аутоспорт Шоу, во 1993та година.

Производството на Jaguar XJ220 резултираше со 275 примероци и истото беше прекинато во 1994 година.



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!