Ммммм, неодоливо! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ммммм, неодоливо!

Зошто сите сакаат MINI? Не е баш евтино, ниту пак е премногу практично, но сепак сите го посакуваат… MINI е стилско изразно средство и поседува карактер, а тоа е многу тешко да се постигне со купче метал, па токму затоа сите имаат симпатии кон него!

Опис на возило на MINI: мало, симпатично, забавно, прекрасно…  Со новиот модел, се додаваат карактеристиките „само за двајца“ и „под отворено небо“. Се работи за новиот Roadster на MINI, кој како концепт го видовме пред околу 2 години, а скоро започна со сериско производство.

Новото MINI го дефинираат класичните, препознатливи линии за брендот, платнениот покрив кој се „здиплува“ над багажникот, со што просторот за оставање предмети изнесува 240 литри, без оглед на тоа дали возите со покрив или уживате под отворено небо. Зад наслоните за глава забележуваме заштитни лакови, кои би помогнале во случај на превртување. На задниот дел го имаме активниот спојлер, кој „лежи“ во поклопецот за багажникот, а се активира и се издигнува при брзини над 80 km/h.

За да не биде само убаво лице, без „ништо под површината“, изборот за погонски агрегат кај MINI Roadster доаѓа во облик на четири моќни и ефикасни мотори:

– 1.6 литарски бензинец со MINI TwinPower Turbo технологија и едно чудо спортски дотерувања, за моделот John Cooper Works Roadster. Развива 211 КС при 6000 вртежи, со вртежен момент од 260 Nm (280 Nm со Overboost) во рангот од 1850-5600 вртежи. Забрзување 0-100 km/h за 6.5 секунди и максимална брзина од 237 km/h. Декларирана потрошувачка: 7.3 l/100 km.

– 1.6 литарски бензинец со MINI TwinPower Turbo технологија за моделот Cooper S Roadster. Моќност: 184 КС при 5500 вртежи, со вртежен момент од 240 Nm (260 Nm со Overboost) во рангот од 1600-5000 вртежи. Перформанси: 0-100 km/h за 7 секунди, максимална брзина од 227 km/h и потрошувачка од 6 l/100 km.

– 1.6 литарски бензинец со VALVETRONIC технологија за моделот Cooper Roadster. Моќност: 122 КС при 6000 вртежи, со вртежен момент од 160 Nm при 4250 вртежи. Забрзување до 100-ка  за 9.2 секунди, максимална брзина од 199 km/h и потрошувачка од 5.7 l/100 km.

– 2.0 литарски турбо дизел со MINI TwinPower Turbo технологија за моделот Cooper SD Roadster. Моќност: 143 КС при 4000 вртежи, со вртежен момент од 305 Nm во рангот од 1750-2700 вртежи. Перформанси: 0-100 km/h за 8.1 секунди, максимална брзина од 212 km/h и потрошувачка од само 4.5 l/100 km.

MINI Roadster може да се пофали и со нивото на стандардна опременост, а богами и со плејадата акроними кои означуваат разни електронски помагала. Во зависност од избраниот модел, варираат сериската опрема и онаа што може дополнително да се набави.

Производството ќе се одвива на домашен терен, односно во Оксфорд, додека пак, цената за овој мал пакет од возачко задоволство, сеуште не е позната.



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!