Освежување и за Renault Megane! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Освежување и за Renault Megane!

Борецот на Renault во компакт класата го доби своето mid-life освежување. Новите мотори и Visio системот се далеку поинтересни од ситните визуелни измени.

Целта на фејслифтот е да го направи Megane посовремен и поконкурентен во класата. Ситните визуелни измени вклучуваат преработени браници кај сите модели, изменети предни светлосни групи со лед Daytime Running Lights и нови тркала.

Далеку поинтересен е опционалниот Visio систем, кој ќе го предупреди возачот ако возилото ја напушта својата лента без претходно најавување (со трепкачите) како и автоматското вклучување и исклучување на долгите светла.

За купувачите, од големо значење ќе бидат и новите мотори. Новиот 1.5 Energy dCi  110 испорачува 110 коњски сили и импресивни 260 Nm вртежен момент, а има декларирана потрошувачка од само 3.8 литри на 100 изминати километри, и емисија CO2 од само 95 грама на изминат километар. За оние кои сакаат малку повеќе моќност, тука е 1.6 Energy dCi 130, кој како што можете да претпоставите нуди 130 коњски сили, и здрави 320 Nm вртежен момент. Во превод, тоа значи декларирана потрошувачка од 4 литри на 100 изминати километри!

За оние кои не сакаат дизелски агрегат, ќе се нуди и 1.2 Energy TCe, кој од лилипутанските 1.2 литри зафатнина вади 115 коњски сили и 190 Nm вртежен момент. Според фабричките податоци, потрошувачката е 5.3 литри на 100 километри.

Спортистот RenaultSport Megane сега стандардно има 265 коњски сили и 360 Nm, а може да се пофали и со нови LED предни светла, како и освежен ентериер!

Новиот Megane ќе почне да се продава во Европа веќе од Март!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.