Како се местат ланци за снег? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Како се местат ланци за снег?

Иако надвор во моментов нема снег, замислете дека има. Замислете дека е десеттина степени под нулата и дека треба да наместите ланци на вашето возило. Да видиме како се прави тоа!

Со овие инструкции како се местат ланци за снег го почнуваме новиот дел на нашиот портал – Направи Сам. Тука ќе понудиме ситни но корисни совети за секојдневни проблеми со кои можеби ќе се соочите.

Да не должиме и да се фатиме за работа!

Потребни ќе ви бидат следниве „состојки“:

  • 1 (еден) автомобил, по желба.
  • 1 (еден) сет ланци за снег, во димензии кои одговараат веќе-одбраниот автомобил.
  • 1 (еден) пар ракавици (не е задолжително, но е препорачливо)
  • ∞ (многу) нерви. Колку е поладно, толку повеќе нерви.

1. Паркирајте го автомобилот со тркалата поставени право. Извадете го едниот од ланците од кутијата и расплеткајте го пред погонското тркало.

2. Протнете ги ланците зад тркалото и проверете дали има нешто заплеткано или заглавено.

3. Обрачот од ланците извлечете го над тркалото и спојте ги краевите.

4. Повторно проверете ги сите делови од ланецот и спојте ги средните делови од ланецот.

5. Повлечете го обрачот зад тркалата и проверете дали еднакво е оддалечен од сите рабови на тркалото. Ланецот треба да лежи на нагазната површина од гумата.

    

6. Спојте ги и останатите вериги од ланецот, притегнете ги краевите за да нема никакво непотребно движење.

Честито, само што успешно наместивте ланци за снег на едното погонско тркало! Сега постапката повторете ја и на другото погонско тркало!

Запомнете:

  • Ланците треба да се добро стегнати, за да нема никакво непотребно движење на ланецот. Доколку има, тој може да се откачи и сериозно да го оштети вашето возило.
  • Процедурата за местење на ланци не е иста за сите видови ланци. Ние избравме еден од најсекојдневните пакети, но постојат и други.
  • Ланците се местат на погонските тркала!

Значи..

 

Вака…                                                                 Не вака…

На крај, да му се заблагодариме на DayWalker од нашиот форум, кој несебично ни ја позајми неговата Ford Fiesta како и неговите ланци за снег!

 

Вака се местат ланци ако имате страничен погон.. :)

.. а инаку, како што што веќе напоменавме, ланците се местат на погонските тркала!

Фотографија: Кристијан Ивановски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.