Godzilla во тренерки – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Godzilla во тренерки

Го чекавме GT-R… Го дочекавме… Сега, „ни криви, ни должни“ речиси редовно добиваме убави новости од Nissan, во кои најчесто се зборува дека Јапонецот станал уште подобар од претходно!

Овој пат се работи за пакет од модификации, наменети за новите модели кои ќе бидат на продажба следната година. Nissan GT-R несомнено е еден од најбрзите автомобили, но неговите сопственици секогаш сакаат уште повеќе. Затоа, Nissan произлезе со “Track Pack”, преку кој „нормалниот“ модел станува уште поневеројатен за возење, но и легален за секојдневен сообраќај.

Надворешните визуелни индикации за присуството на Track Pack, доаѓаат во облик на шест-краки бандажи обоени во сјајна црна боја и произведени од RAYS, специјално за овој модел. Подобрено е ладењето на сопирачките, со извесни модификации во предниот браник, и зад задните тркала. Со тоа се подобруваат перформансите при сопирање.

Суспензијата претрпе некои благи промени, меѓутоа благодарение на можноста да се манипулира со нејзината „тврдина“, GT-R е комплетно способен да ви ги испрати внатрешните органи во некоја паралелна димензија, додека лудувате на тркачката патека, или да ви пружи комфорно и пријатно возење, кога го сакате тоа. Шизофренично, зар не?

Во кабината, најпрво во очи паѓа „поздравот“ од Recaro, кој доаѓа во облик на тркачки седишта, изработени од иновативен материјал, кој не се лизга, со цел да се избегнат моментите на „преселба на патниците“, при ригорозно возење низ свиоци. На средишната конзола се наоѓа “Track Pack” обележје, со што дополнително се истакнува фактот, дека не се работи за „обичен“ GT-R.

Моторот ги носи истите спецификации како регуларниот GT-R, и развива 550 КС, додека спринтот до 100-ка трае само 2.7 секунди. Додавањето на “Track Pack” на постоечкиот GT-R ја зголемува цената за 10000 фунти, со што цената за овој автомобил изнесува 84450 фунти. За сите заинтересирани, само ќе напоменеме дека испораката на првите примероци почнува од март 2012 година, и дека немаме информации колку би чинеле давачките за да се увезе овој ѕвер кај нас.



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!