Playstation на тркала – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Playstation на тркала

Новата апликација “Driving Excitement” развиена за MINI Connected информативниот систем, нуди едно купче информации и забавни содржини, спакувани во мало, симпатично пакување.

Дали сте од оние автомобилџии, кои се „болни“ по информации од видот „колку коњи развива моторот во моментов?“, „колкави сили влијаат врз моето тело, кога безобразно брзо ќе влезам во кривина?“, и истовремено би сакале да се пофалите со тие информации на вашиот профил на Facebook или Тwitter? MINI ви нуди решение, преку апликацијата “Driving Excitement”. Се разбира дека за да имате ќар од оваа апликација, прво и основно ви е потребно MINI :)

Оваа апликација нуди информации во врска со состојбата на возилото, временските услови, моменталните перформанси на моторот, забрзувањето, дејството на латералните сили при возење низ свиоци итн. Сето тоа е убаво спакувано и прикажано на екранот кој не само што е во боја, туку може да се пофали и со висока резолуција, а не да пати од синдромот „LEGO коцки“.

Апликацијата се инсталира преку iPhone, кој веројатно инженерите на MINI го сметаат за „стандардна опрема“ кај секој возач кој вози MINI. Како и да е, со системот се ракува преку MINI контролерот, командите на воланот и преку самиот екран. “Condition check” ја проверува целокупната состојба на возилото, моторот, температурата на моторот, нивото на гориво, статусот на опционалното “Sport” копче и атмосферските временски услови.

И доколку сите „овци се на број“, MINI гордо на екранот ќе истакне “Be MINI”, алудирајќи на уживањето во возењето, кое МINI го нуди во огромни количества, а не на „машкоста“ на оној кој го вози :)

Секако дека најинтересна информација би била “Forcemeter”, односно графичкиот приказ на латералните сили кои влијаат врз возилото и возачот, при ригорозно манипулирање со воланот. Колку повеќе „бега“ приказот подалеку од возилото, толку повеќе го изложувате вашето тело на тортура од природните сили. Чиста физика :)

Информациите се прикажуваат на големиот дисплеј кој се наоѓа во брзинометарот. Би рекле дека тоа не е лоша идеја, меѓутоа имајќи предвид дека брзинометарот кај MINI не се наоѓа пред возачот, туку на средишната конзола, целокупново искуство би можело да произлезе со непосакуван резултат, поради одвлекување на вниманието на возачот.



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!