Најдобри патишта за возење – Козјак со SEAT LEON Cupra R! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Најдобри патишта за возење – Козјак со SEAT LEON Cupra R!

Ја имавме привилегијата да го повозиме Seat Leon Cupra R и решивме со него да ја започнеме потрагата по најдобрите патишта за возење во Македонија. Еден од нашите омилени е многу блиску до Скопје – кон браната Козјак!

Нема да зборуваме многу за тоа како изгледа Seat Leon Cupra R. Тој е веќе редовна глетка низ Македонија, туку ќе се посветиме повеќе на прекрасниот пат кон езерото и браната Козјак, кој ни го нуди токму тоа што нас ни беше потребно. Патот кој е долг 13-тина километри, се наоѓа на околу 20-тина километри од Скопје, по Марков Манастир. Патот нуди многу различни свиоци – од спори и остри свиоци, до долги и брзи кои дозволуваат и поигрување со возилото.

Покрај одличниот пат, и погледите кои ги нуди овој пат се ништо помалку од спектакуларни. Ние отидовме при залезот на сонцето, и околината просто ни го одзема здивот.
А ништо помалку не направи и Leon Cupra R. Неговите 265 коњски сили се спектакуларни, а автомобилот експлозивен. Ако земеме во предвид дека пред 20-тина години, вакви бројки беа резервирани за суперавтомобилите од италијанско производство, нема што повеќе да се зборува. Автомобилот се движи како по шини, а чувството во внатрешноста е крајно спортска, и само го дополнува чувството на безбедност. Би се пожалиле малку на управувањето, на кое иако е брзо и прецизно му недостасуваат повратни информации, и на недостатокот на спортски звук од издувниот лонец. Но без дискусија, ова е автомобил што сигурно би сакале да го имаме во нашата гаража. Можеби не како возило кое би го возеле секој ден, но секако би ни ставал голема насмевка на лицето секој ден.

Би го сакале, затоа што токму кон Козјак, Leon го оправдува секој денар од својата цена. На правите и прегледни делници, секое притискање на педалата за гас значи скоро инстантно повлекување од било кои вртежи, но при вклучување на турбината, автомобилот едноставно полетува како исфрлен од катапулт и не престанува со забрзувањето. Кочниците се големи и одлично ја докажаа својата спремност да го закочат забрзаниот автомобил, а одличното држење во свиоците, минималното навалување во истите, како и прецизното управување само не поттикнуваше повеќе да уживаме во возењето. Откако неколку пати ја поминавме нашата омилена делница која е близку Скопје, со потврдена почит гледаме кон Leon Cupra R.

265 коњски сили во автомобил со преден погон на некого можеби ќе му бидат премногу, но нас ни беа сосема доволни. Електронските помагала, како и XDS електронскиот диференцијал ни помогнаа да го возиме Leon безбедно и забавно. Единствено потрошувачката не е забавна – на полн резервоар, Leon ни кажа дека има автономија од околу 300 километри!

Фотографија: Кристијан Ивановски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.