Сподели! ;)

По многуте најави, Lamborghini конечно го претстави наследникот на LM 002 – супер-моќниот SUV кој го носи името Urus и со себе носи 4-литарски твин-турбо V8 со 650 коњски сили!


Ајде да започнеме со најважните бројки – 4-литарскиот твин-турбо V8 испорачува импресивни 650 коњски сили и 850 Nm вртежен момент! Оваа моќ се испорачува кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач, и му овозможува на супер-спортскиот SUV да забрза до 100 километри на час за само 3.6 секунди, но и да постигне максимална брзина од 305 километри на час!

Моќта може да се дистрибуира независно кон предната и задната оска. До 70% од вртежниот момент може да биде насочен кон предните тркала, односно до 87% кон задните тркала. Urus добива и систем за управување на задните тркала, а за да се истакнат спортските карактеристики и да се спушти тежиштето, моторот е поставен што е можно пониско. Адаптивната шасија нуди неколку режими на возење – Strada, Sport, Corsa, Neve (наменет за снег), Terra (за теренско возење) и Sabbia (за возење на песок), како и целосно персонализиран режим кој – во целата театралност на Lamborghini – се вика Ego.

Дизајнот е очигледно инспириран од моделите на Lamborghini, па ќе препознаете елементи од Aventador и Huracan. Особено се ниски стаклените површини кои дополнително ја истакнуваат спортската линија на големиот SUV – и верувајте, ова е голем SUV. Urus е долг 5112 милиметри, широк 2016 милиметри и висок само 1638 милиметри. Секако, бидејќи се работи за луксузен спортски SUV, ќе добиете цела гама на „играчки“ во кабината, а ова е убедливо и најпрактичниот Lamborghini во историјата – нуди 612 литри багажен простор (ако веќе морате некако да ја оправдате одлуката да купите Urus)!

Цената? Ситница. Започнува од 171.000 евра во Европа, а првите купувачи ќе ги добијат своите автомобили веќе на почетокот на следната година.