ИНТЕРВЈУ: Анџело Василевски од EXIDE – Акумулаторите во чекор го следат развојот на модерната технологија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ИНТЕРВЈУ: Анџело Василевски од EXIDE – Акумулаторите во чекор го следат развојот на модерната технологија

Доаѓаат ниски температури и повторно се во фокусот дискусиите за автомобилските акумулатори – па токму за тоа зборувавме со Анџело Василевски од Exide, кој ни ја објасни потребата за вистинскиот акумулатор за нашето возило.

Здраво Анџело, ти благодариме за одвоеното време. Да започнеме со Battery Evolution – колку долго постои твојата компанија на македонскиот пазар?

Здраво! Батери Еволушн ДООЕЛ Скопје е основана во 2011 година, наменски како преставник, екслузивен увозник и дистрибутер на EXIDE Technologies Group од Соединетите Американски Држави за Република Македонија.Ова е семеен бизнис кој се заснова на 20 годишно искуство на сопствениците во акумулаторската индустрија, како во земјава и интернационално. Јас лично сум дел од Exide од 2008 година, а од 2011 сум предводник и на Батери Еволушн.

Зошто одлучивте да работите токму со Exide?

Знаете, како компонент од електрониката на секое возило, акумулаторот е многу специфичен сам по себе бидејки не е чист метален или пластичен резервен дел, туку производ на хемиска комбинација кој треба да Ве служи неколку години, или за жал да настрада многу брзо и да не го издржи дури ни гарантниот рок.

Поучени од  тоа, решивме  да понудиме Премиум квалитет по достапни цени од компанија која постои од 1888 година и во светот на автомобилите важи за предводник во акумулаторската индустрија. Exide цели 130 години работи како ОЕ (original equipment) добавувач директно со автомобилските производители како BMW, Volkswagen, Mercedes-Benz… Едноставно, сакавме за прв пат да понудиме сигурен акумулатор кој нема да Ве изневери барем 5 години.

Бидејќи Exide е една од водечките компании за акумулатори во светот – какви се нивните планови за иднината, особено во контекстот на хибридни и електрични возила?

Како пионир, Exide technologies со своите R&D истражувачки центри ја има обврската да ги следи и да биде во чекор со автомобилската индустрија и европските легислативи за заштита на животната средина – од CO2 емисиите, па сè понатаму.

На пример во далечната 2004 година, кога сè уште не знаевме за хибридни возила барем во Македонија, Exide на познатиот Old Trafford во Манчестер го промовираше – во соработка со автомобилските производители – првиот Micro-Hybrid AGM акумулатор, кој ја навести ерата на микро-хибридни (Старт-Стоп), хибридни и на крај целосно електрични возила.

Во 2014 година на Automechanika го промовиравме и усовршивме овој акумулатор со Carbon адитиви за поголема спроводливост, при зголемена цикличност особено за урбано градско возење.

Со оглед на сериозната политика која ја води Европската унија за заштита на животната средина преку намалување на потрошувачката на гориво а со тоа и емисијата на CO2, Exide во соработка со автомобилските производители сериозно работи кон зголемување на производствените капацитети на сите хибридни и електрични возила.

За жал, сè уште постои недоверба кон Start & Stop системите, и акумулаторите кои се наменети за нив. Кои се ризиците од користење несоодветни акумулатори?

Се согласувам – овој проблем се соочи со голема одбивност од купувачите кои можеби и не се виновни бидејќи имаше недостаток на информираност за тоа зошто треба да платат  50% повеќе за нова батерија, што е  старт-стоп, зошто се користи, и кој веќе се користи во скоро сите нови возила од 2008 година.

Но реалноста е дека до 2020 година ЕУ налага издувните гасови(Co2) на сите возила да бидат помали од  100g на 1км.Со ова сите производители треба да ја намалат потрошувачката на гориво, со тоа на CO2, а единствен начин е индината на Микро, Хибридни, електрични возила.

Водени од тоа Exide мораа да создадат батерија која ќе може да ја издржи микро-хибридната технологија на стоп-старт при секое мирување-старт на возилото. Тоа значи дека ако до сега имавме по просек  30 стартувања дневно, сега со старт-стоп погонот секое возило во просек се стартува и до 500% почесто и се надополнува преку regenerative braking системот, што не може да го издржи обичен акумулатор во никој случај, туку само AGM акумулатор кој е направен да трпи цикличност и до 75%.

Затоа правило број 1 е да секогаш ги менуваме нашите акумулатори на возила со старт-стоп погон со соодветни Старт-Стоп АГМ акумулатори за да не се соочиме со прерани проблеми а во најлош случај дефект на целиот систем на полнење на возилото. За таа цел Exide во Македонија нуди 40 месеци гаранција за сите Start-Stop AGM акумулатори кои се целосно одобрени и се користат од скоро сите овластени салони на автомобили во државата.

На крај е многу важно да сфатиме дека ова не е желба на производителите на автомобили или акумулатори туку легислатива која Европската унија ја носи за заштита на сите нас и нашата животна средина – а во функција на тоа ние како Exide имаме одговорност да придонесеме.

Како препорачувате да се грижиме за нашите акумулатори, особено бидејќи доаѓа зимата и се очекува драстичен пад на температурите?

Сите знаеме дека најголем непријател на акумулаторите се екстремните температури, а особено кај нас се изразени зимните минусни температури.

Бидејки повеќето производители веќе не следат нас и нудат акумулатори на база калциум-калциум, без одржување, треба да се заборави старата навика на дополнување на дестилирана вода и отворање на акумулаторите. Доколку ја следиме западно-европската култура на одржување на автомобилите, во делот на акумулаторите најдобро е да издвоиме вкупно 30 минути и да појдеме во најблискиот сервисен центар каде со современ апарат за неполни 10 минути испитуваме дали возилото полни како што треба, и во каква состојба е акумулаторот при тест на Напон(V) и капацитет на стартување(ладен старт, Аmp CCA en). Ние во Батери Еволушн на сите наши корисници ние тоа им го нудиме бесплатно.

Исто така важно да напоменам е на што да обратиме внимание кога купуваме нов акумулатор. Прво и основно мора да биде купен соодветен акумулатор за вашето возило – а тоа подразбира да му посочите на продавачот дали возилото е дизел или бензин, со колкав капацитет и моќност е моторот, која година е, итн. Уште поважно со новите технологии – дали возилото е старт-стоп или не, колку дополнителна опрема има во него (GPS, аудио, видео), дали се вози урбано/градски или на отворено и дали е изложено на екстремни температурни разлики.

Само вака ќе може да добиете пред сè сигурен акумулатор, а и продавачот да ви понуди стандарден акумулатор, за  возила со малку дополнителна опрема како нашиот Еxide Excell или за спортски возила, возила со многу опрема, тјунирани… Таков е нашиот Exide Premium Carbon boost модел кој апсолутно покрива и гарантира сигурен старт при екстремни временски услови и кај автомобили со многу опрема.

Брендот HAGEN е дел од Exide семејството – зошто одлучивте да ги донесете и производите на HAGEN во Македонија?

Горди сме што успеавме по 2 години преговори со Exide да го промовираме во Македонија стариот Германски бренд – HAGEN Germany.

Идејата е да понудиме за прв пат во Македонија германски квалитет и сигурност по многу достапни цени, а сепак дел од најнапредната компанија за акумулатори во светот – Exide technologies group.

Што е предноста на Hagen во споредба со другите брендови во таа класа?

Hagen e една од најстарите фабрики за акумулатори во Германија и постои од 1910 година. Ние кои сме дел од европската акумулаторска индустрија исклучително ја цениме фабриката каде уште пред 100 години се произведувале првите Гел батерии во Европа наменти за европските морнарици, авио компании, телекомуникациски системи, тешки индустрии, UPS системи и секако транспортни потреби. Тоа ни дава надеж за уште една успешна приказна која ќе биде синоним за квалитет на нашиот пазар.

Кои се плановите на Battery Evolution и Exide за македонскиот пазар?

Природата на менаџментот на Exide во Македонија е користење на нови модели на промоција, запознавање и едукација на сите наши потенцијални корисници, или на сите што возат автомобил, да им го направиме изборот на акумулатор лесен, достапен и да им обезбедиме сигурност барем двојно повеќе од оние 2 години гаранција што ги нудат сите на пазарот.

Со сигурност ќе продолжиме со користење на интернет, социјалните мрежи за директна интеракција, организирање на настани во соработка со колегите од автомобилската индустрија, помагање на автомобилизмот како спорт во Македонија и навремено ќе ги пренесуваме сите новости во светската акумулаторска индустрија и во Македонија, како и досега!


 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.