ТЕСТ: Mercedes-Benz Citan 109 CDI – Функционалноста пред сè! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mercedes-Benz Citan 109 CDI – Функционалноста пред сè!

Влезот на Mercedes Benz во оваа класа на доставни возила е очекуван чекор со оглед на популарноста на овие автомобили. Ние ги запознавме квалитетите на Citan наменет како за цивилна, така и професионална употреба.

Да ги тргнеме стереотипите на страна уште на самиот почеток – да, добар дел од Citan е базиран на францускиот Renault Kangoo, но тоа значи дека Mercedes одлучи да го земе едно од најдобрите доставни возила на пазарот, да ја поработи својата магија на него и да понуди уште подобра алтернатива.

Од надворешната страна, само во некои детали се забележливи трагите на Renault. Предниот дел на Citan го краси новата маска на Mercedes Benz, која изгледа горда и подготвена за работа.  Големиот и централно поставен знак на Mercedes гордо го брани брендот. Околу автомобилот впечаток оставаат големите стаклени површини, а сликата за модерниот и привлечен дизајн ја комплетираат практичните кровни носачи како и алуминиумските фелни, кои се своевидна реткост во оваа категорија.

citan-rear

Ентериерот на Citan ја продолжува приказната за функционалност. Предните врати се отвораат широко и го олеснуваат влегувањето и излегувањето на предните седишта. На задната клупа се влегува преку лизгачките врати кои се вистински благодет за оние со деца, или пак за оние кои пренесуваат товар и имаат потреба од полесен пристап до него. Задните седишта можат целосно да бидат соборени, а со тоа се ослободува огромен товарен простор. Покрај тоа, во внатрешноста има многу места за одлагање ситници, како и масички во предните седишта кои патниците на задната клупа можат да ги користат.

mercedes-citan-details

Возачката конзола е едноставна, но читлива и лесно разбирлива. Командите се јасни и прегледни, а возачката позиција комфорна и на подолги патувања. Благодарение на големите стаклени површини кои веќе ги споменавме, прегледноста е повеќе од одлична, а соодветно на тоа, маневрирањето и паркирањето во градски услови не е воопшто тешко, како што би очекувале од возило со овие димензии. Единствено забележуваме на едноставното радио – тоа изгледа како да не припаѓа во својата околина. Од друга страна, воланот е обложен со кожа и вистински пријатен за држење. Менувачот е поставен високо, односно блиску до управувачот. Прецизен и пријатен за користење, го олеснува возењето во сите услови, но би сакале шест степени на пренос наместо достапните пет.

mercedes-citan-doors

Кога веќе зборуваме за возењето, да позборуваме и за моторот – нашиот тестен Citan беше опремен со 1.5 литарски турбодизел dCi агрегат со потекло од Renault. Неговите 90 коњски сили и 200 Nm вртежен момент одлично се справуваа со габаритот на возилото, и истовремено тој работи рафинирано и економично. Ние забележавме потрошувачка пониска од 7 литри во градски услови. Секако, тука огромна улога игра и серискиот старт/стоп систем кој го исклучува моторот на семафори и во слични ситуации. Маневрирањето во град е лесно и заради тесниот круг на вртење од само 11.2 метри.

mercedes-citan-doors2

Од особена важност за превозниците ќе биде адаптивниот ESP систем со кој Citan е опремен – овој систем ја зема во предвид оптовареноста на Citan и соодветно реагира во екстремни ситуации за да ја одржи безбедноста на највисокото ниво. Сервисните интервали се екстремно големи – Mercedes најавува сервисен интервал од 30.000 километри за Citan, а тоа е детал кој ќе ги радува превозниците. Благодарение на огромниот багажен простор од 690 литри, кој може да нарасне се до 3000 литри зафатнина, може да се пренесе навистина многу товар, па „цивилниот“ Citan без проблеми ќе ги извршува должностите и на службено, доставно возило.

Citan е повеќе од само еден автомобил. Конкретно, верзијата за „цивилна“ употреба која ние ја возевме е доставен автомобил, но истовремено може да биде и одлично фамилијарно возило, но и возило за секојдневна употреба. Одличната прегледност, економичниот мотор и акцентираната функционалност го прават да биде градски херој со повеќе лица. Како и секој автомобил, и Citan има некои ситни недостатоци кои лесно ги надминавме, a Citan продолжи да нè импресионира со своите таленти и квалитети.

  • 1.5 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 90 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 200 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 160 км/час
  • Забрзување 0-100: 15.1 секунди
  • Должина: 4321 mm
  • Ширина: 1829 mm
  • Висина: 1809 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2697 mm
  • Багажен простор: 685 – 3000 литри
  • Потрошувачка: 4.7 (официјална, градска), 6.5(измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mercedes-Benz Citan C109 CDI – 21.890 Евра
    Напомена – На Citan може да се врати платениот ДДВ. Со тоа, цената на тестираниот модел е околу 18.500 евра.


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.