Во интервју за AutoExpress, шефот за дизајн во Peugeot – Gilles Vidal – изјави дека следната генерација на знаменосецот на SUV гамата на францускиот производител ќе биде „друг вид на секси.“
Во неговото интервју за колегите од AutoExpress, Gilles Vidal кажа дека „5008 го купуваат млади луѓе кои имаат деца. Поголемиот автомобил го купуваат семејства, но често луѓето со повеќе пари го купуваат помалиот модел – 3008. Токму ова нè носи кон следната генерација на 5008 која треба да биде практична, но мораме да најдеме начин да ја направиме секси.“
Gilles Vidal го објасни неговиот став и додаде – „Формата нема да биде здодевна. Секако, има простор да го направиме 5008 да биде уште попрактичен, а потоа да направиме исклучителен дизајн но не низ динамичност. Тоа е друг вид на секси!“
Ова е интересен „развој на нештата“ – очигледно луѓето од Peugeot прецизно ги идентификувале купувачите на секој модел, а успешната стратегија на Peugeot не резултира со „канибализација“ на моделите. SUV гамата на Peugeot се покажува како привлечна за купувачите и ни се допаѓа дека токму Gilles Vidal кажува дека автомобилите и понатаму ќе бидат секси! Ние веќе имавме можност да го возиме сегашниот 5008 пред неколку години на неговото официјално интернационално лансирање во Лисабон – прочитајте ги нашите импресии од големиот француски SUV.