Втората генерација на кросоверот на MINI доаѓа со нов лик, нови мотори – и за прв пат ќе се нуди и како плаг-ин хибрид благодарение на технологијата од BMW!
Најголемиот модел на MINI влегува во својата генерација – и сега е уште поголем од својот претходник. Подолг е цели 20 сантиметри и поширок 3 сантиметри од својот претходник, а меѓуоскиното растојание е зголемено за одлични 75 милиметри – па сега новиот MINI Countryman е директен конкурент на компакните SUV модели на конкурентите. Според MINI, новиот Countryman нуди „значително повеќе простор на сите пет седишта“, но и повеќе багажен простор и простор за одлагање ситници – сега има 450 литри багажен простор, односно 1309 литри кога се спуштени задните седишта.
Новиот Countryman е поставен на UKL2 платформата на BMW, и истата ја дели со други BMW и MINI модели, а најважната придобивка во овој случај е можноста да се нарача и како плаг-ин хибрид. Всушност, ова е првиот хибриден модел на MINI, и ќе ја носи ознаката MINI Cooper S E Countryman ALL4. Хибридниот Countryman ќе носи 1.5-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 136 коњски сили кон предните тркала преку 6-степен автоматски менувач, а за задните тркала е задолжен електромотор кој испорачува дополнителни 88 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 224 коњски сили и 385 Nm вртежен момент, а од MINI тврдат дека хибридот ќе троши само 2.1 литар гориво на 100 километри, и ќе има електрична автономија од 40 километри.
Секако, Countryman ќе се нуди со конвенционални мотори со внатрешно согорување – тука ќе биде Cooper Countryman кој ќе се нуди со горе-споменатиот 1.5-литарски турбо-бензинец со три цилиндри кој испорачува 136 коњски сили и 220 Nm, а над него е Cooper S Countryman кој користи 2-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри кој испорачува 192 коњски сили и 280 Nm вртежен момент.
Доколку сакате турбодизел, во понудата ќе ги најдете Cooper D Countryman и Cooper SD Countryman. Обата автомобили се нудат со 2-литарски турбодизел кој испорачува 150, односно 190 коњски сили. Автомобилите ќе можете да ги комбинирате со 6-степен мануелен или пак 6-степен или 8-степен автоматски менувач. Секако, во план е и John Cooper Works модел кој би требало да се појави следната година, кој би имал на располагање 230 коњски сили.