Германска надмоќ: Претставени Mercedes-AMG E63 и E63 S со 563, односно 603 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Германска надмоќ: Претставени Mercedes-AMG E63 и E63 S со 563, односно 603 коњски сили!

Спортската AMG дивизија на Mercedes ги претстави најснажните E63 и E63 S изведби од најновата генерација на E-Class.

Најновите E63 изведби го заменуваат досегашниот 5.5-литарски твин-турбо V8 агрегат со помодерниот 4.0-литарски твин-турбо V8, кој доаѓа стандардно со 4MATIC погон на сите четири тркала. Кај основниот E63, осум-цилиндарскиот агрегат испорачува 563 коњски сили и 750 Nm, кои му овозможуваат забрзување од 0-100 км/ч за 3.5 секунди, додека „S“ моделот располага со 603 коњски сили и 850 Nm вртежен момент, овозможувајќи му да достигне „стотка“ за 3.3 секунди. Двете верзии имаат електронски ограничена максимална брзина од 250 км/ч, но достапен ќе биде AMG Driver’s пакет кој овозможува таа да биде подигната на 300 километри на час.

Новиот 4.0-литарски твин-турбо V8 агрегат може исто така и да биде економичен по потреба. Ова се должи на системот за деактивирање на цилиндрите, кој може да изгаси четири-цилиндри кога е селектиран ‘Comfort’ режимот на трансмисијата во возење при опсег од 1000 и 3250 вртежи во минута.

2017-mercedes-amg-e63-sedan-9

Силата се пренесува кон сите четири тркала преку девет-степен автоматски менувач со лопатки за менување на степени зад воланот. Иако Mercedes повеќе не нуди опција за модел со заден погон, E63 4MATIC доаѓа со специјален „Drift“ режим кој испорачува сила првенствено кон задните тркала. Режимот се активира во „Race“ програмот за возење со користење на лопатките за менување, кога ESP системот е деактивиран и трансмисијата е во мануелен мод, а истата останува вклучена се додека возачот не ја деактивира.

Инженерите на AMG направиле бројни подобрувања во шасијата на Е63, која вклучува специјално прилагоден систем за воздушна контрола, нова суспензија на двете оски, заден диференцијал со механичко заклучување, ESP со три степени и електромеханичко спортско управување со осетливост на брзина. Силата за сопирање доаѓа од дискови со дијаметар 360 mm напред и позади, додека ‘S’ верзијата добива поголеми 390 mm дискови напред. Како опција Mercedes нуди карбон-керамички дискови со големина од 402 mm напред и 360 mm назад.

2017-mercedes-amg-e63-sedan-25

Визуелно, новиот E63 се разликува од останатите изведби на E-Class со специфичните елементи како предната решетка, браниците, пошироките странични крила, 19-инчните и 20-инчните тркала кај „S“ верзијата, четирите издувни цевки и дискретниот заден спојлер, како и посебните материјали во ентериерот.

Новиот E63 ќе дебитира на автомобилскиот саем во Лос Анџелес, а ќе започне со продажба во Европа во Март наредната година, кога се очекува да биде претставена и караванска изведба.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.