Откако пред само неколку дена започна производството на B10 во фабриката на Stellantis во Зарагоза, Leapmotor објави дека и хечбекот B05 ќе се произведува во Шпанија.
Со стартот на производството на B10, а сега и хечбекот B05 (кој е базиран на истата платформа), Leapmotor го зајакнува индустриското присуство во Европа. B05 е електричен хечбек кој ние веќе го возевме на неговата интернационална презентација во Франкфурт пред неколку месеци.
Фабриката на Stellantis во која од пред неколку дена се произведува B10, а во која наскоро ќе се произведува и B05 ја потврдува стратешката важност на фабриката во Зарагоза за развојот на Leapmotor International. Со овој чекор, Leapmotor сака да отиде чекор понатаму од „локализирање“ на еден модел и да ги прошири производните можности а истовремено да ги направи автомобилите подостапни и поинтересни за европските клиенти.
Од Leapmotor кажуваат дека со овој чекор „глобалните технологии стануваат европска индустриска реалност“ и го вкоренуваат Leapmotor во европскиот автомобилски екосистем. Со производство во Европа, тие користат постоечки европски индустриски екосистем – од локални експерти, преку вешти вработени, па сè до добавувачи и докажани процеси.
Секако, Leapmotor не застанува со B10 и B05. На неодамнешното интернационално возење на новиот B03X (кој веќе пристигна и кај нас) претставниците на Leapmotor ни кажаа дека во фабриката во Зарагоза ќе се произведува токму и B03X, а најверојатно понатаму и хечбекот B03.
Danilo Annese, кој сега е на чело на Leapmotor Interanationa изјави: „По успешното стартување на производството на B10 во Европа, воведување на втор модел во Зарагоза ја потцртува стратешката важност на фабриката за нашиот европски индустриски развој. Ги спојуваме најдоброто од глобалните технологии со врвното европско производство и ги трансформираме иновациите во возила кои се Made in Europe, поблиску до купувачите за кои се наменети“.






