ПРЕМИЕРА: Renault E-Space – Направете миниван, ама нека биде кул! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Renault E-Space – Направете миниван, ама нека биде кул!

Концептот кој Renault го претстави во Париз покажува како наследството може да ја инспирира иднината. Односно, како што Renault веќе успешно направи со новите 4, 5 и Twingo – да повлече инспирација од минатото, но да ја интерпретира во современ контекст.

E-Space Concept е директно инспириран од првиот Espace од (навистина, не толку далечната, рече уредникот роден во истата година) 1984-та година. И тоа веднаш се препознава – од формата, преку големите стаклени површини, па сè до обликот на предните и задните светла. Да, во ред, светлата се изведени со современи технологии, но нивниот дизајн и „пикселизираниот“ лик се толку ретро, што едноставно нема бегање од инспирацијата. И 80-тите години.

Од Renault кажуваат дека „ентериерот се капе во светлина“, а кабината е супер-модуларна.

Во кабината има шест индивидуални седишта, а оние во средниот ред се преклопуваат и можат да се користат и како мали масички. Седиштата се поставени на сосем рамен под а поради тенките носачи изгледаат како да лебдат во ентериерот. Предните седишта можат да се завртат 180 степени и да гледаат кон задните, а во стандардната конфигурација во нив се вградени масички кои им се достапни на патниците во средниот ред.

Сега за сега нема никаква детали околу можниот погон кој би се вградувал кога Espace ќе пристигне на пазарот за околу 2 години. Концептот е целосно-електричен, но не се исклучува можноста серискиот автомобил да биде поставен на новата 800-волтна RGEV платформа на Renault. Оваа платформа овозможува целосно-електричен погон, но и практична Range Extender конфигурација. Електромоторот наменет за RGEV архитектурата испорачува 275 коњски сили, а во Range Extender изведба овозможува автономија до импресивни 1400 километри.

Поврзано:  Новиот концепт на Renault е ретро-инспирираниот 8 Gordini

На Renault „му тргна“ со ретро-инспирираните модели. И по сè изгледа дека слична ќе биде приказната и со новиот Espace.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.