The Boss is back! Македонска премиера на новите BMW X5 и Серија 7! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

The Boss is back! Македонска премиера на новите BMW X5 и Серија 7!

Денес пред македонските автомобилски медиуми својата премиера ја имаа новите Neue Klasse BMW X5 и големата, луксузна Серија 7.

Денес македонскиот луксузен сегмент доби две многу важни освежувања – новиот X5, петтата генерација на моделот со кој BMW го означи својот вистински влез во SUV сегментот и моделот со кој започна X-приказната на BMW. Ние новиот X5 веќе го знаеме, го видовме на неговата премиера пред неколку месеци во Минхен, а сега повторно и во Скопје.

Новиот X5 се нуди со дури пет различни погонски пакети на технологии – а тоа значи дека новиот, голем SUV можете да го добиете со бензински или дизел мотор, плаг-ин хибриден, целосно-електричен или наскоро и со погон на водород.

Дизајнерски, очигледно ги презема насоките од Neue Klasse и електричниот iX3, но сето тоа е интерпретирано во поголем, подоминантен формат. На предниот дел доминираат вертикалните бубрези и новите дневни светла со X-потпис (кој можете да го исклучите, ако сакате), како и големите отвори за воздух.

Профилот е динамичен заради малку намалените стаклени површини и исфрлените крила. Овие дизајнерски елементи му даваат на X5 помускулест, подоминантен и посамоуверен став. На задниот дел вниманието оди кон задните светла, но и длабокиот заден браник со интегриран панел кој би требало да симулира дифузер.

Кога ќе седнете внатре, сè што треба да направите е да ја притиснете кочницата и возачката врата ќе се затвори, а возачот може да ги контролира сите други врати преку централно-поставениот екран.

Kога сме кај ентериерот и екраните – се забележува дека во кабината е посветено многу внимание на квалитетот на материјалите и завршната обработка. Под ветробранското стакло е поставен огромниот Panoramic iDrive систем на BMW, додека на средината на арматурната табла е поставен новиот инфозабавен уред. Екран добива и совозачот, ако навистинa инсистирате дека некој треба да ви ја менува музиката додека возите. Секако, тука се сите нови технологии кои BMW ги нуди – од AI асистентот, до планерот за патување, милион можности за персонализација, итн.

Поврзано:  BMW продаде 2 милиони електрични возила

Вториот (и не помалку важен) новитет на македонскиот пазар е новата Серија 7. И ако X5 е The Boss, тогаш Серијата 7 е.. Директорот. Знаменосецот на BMW, во нашите очи. Да, веќе го знаеме и него.

Освежената BMW Серија 7 означува голем чекор нанапред, а како знаменосец на брендот токму големиот луксузен седан го зема водството во воведување технологии од Neue Klasse во постоечките модели.

Визуелните освежувања се внимателни, но сепак препознатливи. Од BMW кажуваат дека Серијата 7 има монолитски екстериер, со новите осветлени „бубрези“ и минималистички предни светла со кристали (да, во тенките LED светла има кристали!), преку минималистичкиот профил со чисти, рафинирани површини, па сè до задниот дел со редизајнирани светла и јасни форми.

Сепак, најважните освежувања се во кабината. Кокпитот на Серијата 7 го презема новиот пристап кој дебитираше кај новиот iX3. Технолошките надградби доаѓаат во форма на огромниот BMW Panoramic iDrive поставен под ветробранското стакло, како и новиот централно-поставен инфозабавен дисплеј наменет за сите функционалности во автомобилот.

Но дури во ентериерот, има посебно место на кое всушност треба да се седи – а тоа се задните седишта, поточно седиштето зад совозачот. Задните седишта добиваат унапреден BMW Theatre Screen со 8К стриминг, задолжен за звук е одличниот аудио-систем од Bowers & Wilkins (со Dolby Atmos, нормално), а седиштата се… Нешто посебно.

Новите модели на BMW се веќе пристигнати кај нас и веќе можете да ги погледнете и во салонот на BMW во Скопје.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.