Mission Efficiency е пред-продукциски автомобил кој веќе руши рекорди – наследникот на XL1 е најаеродинамичниот и најефикасниот електричен автомобил на светот!
И да кажеме на самиот почеток – ако мислите дека ова е некој автомобил кој никогаш нема да види сериско производство, најверојатно грешите. Mission Efficiency (ME, да скратиме) е базиран на MEB+ платформата која Volkswagen веќе ја користи за ID. Polo и ID. Cross, а тоа значи дека овој пред-продукциски автомобил е помалку или повеќе подготвен за (екстремно лимитирано, најверојатно) сериско производство. МЕ го користи 135-коњскиот електромотор од ID. Polo.
Воедно, ME е и најаеродинамичниот автомобил на светот. Иако сè уште не е сериски автомобил, ME е веќе „road approved“, односно ги исполнува сите услови за возење по нормални патишта, и има коефициент на отпор на возудхот од само 0.158! Тоа е постигнато и преку супер-аеродинамичната форма кон кој придонесуваат и затворените задни тркала, специјалните насочувачи на воздухот и активниата аеродинамика. Каросеријата е изработена од алуминиум и карбон.
Вториот рекорд на ME е импресивно-ниската потрошувачка од само 6.48 kWh на 100 километри во идеални услови и при константна брзина од 68 километри на час. Океј, ова е во идеални услови, но преведено во пари, 100 километри со ME би чинеле само околу 32 денари.
Но Volkswagen одлучи да отиде чекор понатаму и одлучи да ја измери потрошувачката на струја во реални услови. Токму затоа на официјално тест-возење од центарот за развој на Volkswagen во Волфсбург, преку Познан (Полска) и Оломоуц (Чешка), па сè до Виена во Австрија, МЕ помина 1278.36 километри.
Просечната брзина била 67.72 километри, додека максималната брзина била 138 километри на час. Батеријата со капацитет од 54.9 kWh била дополнета само еднаш и на крајот на патувањето автомобилот можел да помине уште 164 километри. Но импресивна е потрошувачката на струја од само 6.89 kWh (односно 7.51 kWh со пресметани загуби при полнење). Преведено во пари? 34 денари на 100 километри или 436 денари за целото патување!
И всушност, Mission Efficiency покажува колку силно влијание има аеродинамиката врз потрошувачката на енергија, односно директно како аеродинамиката влијае врз автономијата на електричните автомобили.





















