Со новите Neue Klasse модели, BMW го отвора своето следно поглавје. Електричниот iX3 е првиот модел од Neue Klasse и конечно имавме можност подобро да го запознаеме.
Да се каже дека Neue Klasse моделите се важни за BMW, најверојатно не е доволно. Со Neue Klasse, BMW стартува сосем нов пристап – и тоа не само технолошки. Да, во ред, технологијата е примарниот двигател позади Neue Klasse, но промените се многу посуштински. Приказната започнува со новата платформа, но продолжува со новиот дизајн, а кулминира со новите UX решенија и целосно новиот пристап кон секојдневното користење.
Што е ново? Подобро прашајте што не е ново.
И што сè е ново? Па… Сè! Кога BMW низ минатите неколку години ги презентираа Neue Klasse концептите и ги најавуваа сериските модели, зборуваа за дизајн инспириран од минатите модели на брендот, кој истовремено е цврсто втемелен во желбата за дефинирање на трендовите кои доаѓаат, а не слепо следење на другите.
Зборуваа и за нови технологии, нови платформи, нови погонски опции и сосем нов пристап кон интеракцијата со автомобилите. При лансирањето на iX3, главниот дизајнер на BMW – Adrian van Hooydonk кажа дека токму iX3 „го означува почетокот на сосем нова генерација на возила и во голем дел ќе ја дефинира иднината на BMW”.
Самоуверен, наметлив дизајн.
Океј, тогаш ајде да започнеме со дизајнот. На прв контакт, iX3 изгледа како да е внимателно извајан од еден блок алуминиум. Без воопшто да се задржиме на деталите, ќе кажеме дека ставот му е сериозен и самоуверен, со широко-исфрлени крила, релативно ниска кровна линија и ниски стаклени површини. И сето тоа му дава на електричниот SUV присуство и став кои досега едноставно недостасувале кај X3 моделите.
А кога ќе ги загледаме деталите, ќе препознаеме делови од историјата на BMW. Вертикалните „бубрези“ се јасен омаж на минатото на баварскиот бренд, но истовремено начинот на кој се изведени сугерираат дека едноставно… BMW гледа кон иднината. Предните светла се скриени во панелите околу бубрезите и првата работа која се забележува е светлосниот потпис. Ваше право е да не ви се допаѓа, но изгледот е несомнено BMW и нема да го смешате со ништо друго.
Како што напоменавме, профилот е низок и тркалата одлично ги исполнуваат крилата. Скриените рачки прават страните да изгледаат чисти, а задниот спојлер ја истакнува динамичноста.
Најверојатно највеќе ни се допаѓа задниот дел. Широките задни светла ја истакнуваат „хоризонталноста“ на iX3, а геометриските форми во нив повторно го истакнуваат идентитетот на BMW на несуптилен, самоуверен начин.
Всушност, навистина ни се допаѓа дизајнот на iX3. Изминативе години баварците добија навистина многу критики за своите дизајни, но со Neue Klasse поставија нешто сосем ново. И да, ова е еден од оние автомобили кои мораат да бидат видени за да бидат разбрани. Колку и да ни се добри фотките, ова е автомобил кој треба да го видите во живо за навистина да го цените.
Нова платформа, напредни батерии, поефикасни електромотори
Океј, пред да зборуваме за ентериерот, ајде да зборуваме за платформата и технологиите. Најновата, шеста генерација на eDrive технологиите на BMW воведува нови батерии и нови електромотори, како и цела лепеза на придружни системи за беспрекорно функционирање.
И што значи сето тоа? Ајде прво за батериите. Новата генерација на батериски модули користи цилиндрични наместо таканаречени призматични вреќички. Овој процес е поскап, но резултира со батерии кои имаат значително поголема енергетска густина и овозможуваат побрзо полнење. И сето тоа резултира со батерија со капацитет од 108.7 kWh и полнење со максимални 400 Kw.
Следната работа за која треба да зборуваме се електромоторите. Нашиот тестен модел дојде со два Gen 6 електромотори кои според BMW се до 40% поефикасни од моторите од петтата генерација. Моторот поставен на предната оска испорачува 167 коњски сили и 225 nm вртежен момент, додека моторот поставен на задната оска испорачува 326 коњски сили и 435 Nm вртежен момент. Вкупната моќност е одлични 469 коњски сили и 645 Nm вртежен момент.
И ајде да го ставиме сето тоа во вистински контекст. Од BMW ветуваат автономија меѓу 679 и 805 километри според WLTP мерењата. Овие бројки се добиени во идеални услови, секако, но не се ни невозможни. Нашето искуство со iX3 покажа дека просечно троши околу 17 до 18 kWh на 100 километри, што во превод значи дека без посебен проблем би требало да се поминат околу 600 километри со едно полнење. Што беше range anxiety?
А перформансите се друга приказна. BMW кажува дека iX3 забрзува до 100 километри на час за 4.9 секунди. Баварците биле конзервативни со таа бројка и нашето мерење покажа дека тој бенчмарк се постигнува за околу 4.5 секунди. Максималната брзина е 210 километри на час.
Но вистината е дека iX3 ги има перформансите секогаш, во секое време, без разлика на режимот на возење или брзината со која се движите. Едноставно ја притискаме десната педала длабоко во патосникот и iX3 катапултира нанапред со сила кои некои би ја опишале како насилна, а ние би рекле дека е… Неверојатна! Едноставно, начинот на кој iX3 инстантно реагира на пристискање па десната педала создава зависност. Нема никакво доцнење ниту пак никакво колебање.
Panoramic iDrive е револуција во ентериерите
Ајде сега да зборуваме за ентериерот. BMW има сосем нов пристап и кон ентериерите на Neue Klasse, што пак резултира и со нов начин на користење. И ајде прво да зборуваме за новиот управувач. Да, изгледа несекојдневно. Да, бара малку прифаќање – но одлично лежи во рака. Хаптичките копчиња се подложни на критика, но барем се доволно далеку за да не ги допрете несакајќи, а по некое време се навикнавме и на нив. Навистина, немаме некакви забелешки.
Е сега, она што е навистина ново е Panoramic iDrive системот кој ќе го добијат сите нови модели на BMW (и веќе го добија новата Серија 3, новиот X5 и новата Серија 7). Panoramic iDrive е всушност огромен хед-ап дисплеј кој се протега под целото ветробранско стакло и кој можете да го прилагодите како што сакате – можете да одберете кои информации ќе бидат прикажани, во кој сегмент и со каков распоред сакате. Дополнително, поставеноста значи дека сите информации се веднаш достапни и не треба воопшто да го тргате погледот од патот. Плус, поради поставеноста потребно е многу помалку „рефокусирање“ на погледот во однос на конвенционално-поставени инструменти. Ни се допаѓа.
Инаку, кон сите други функционалности се пристапува преку големиот централно-поставен екран. Ваквиот пристап е често критикуван, но UX дизајнерите на BMW посветиле многу, многу внимание за да обезбедат лесно и брзо пристапување кон повеќето функционалности. Има тука многу, многу системи. Дури и насоката на отворите за вентилација се прилагодува преку централниот екран. На централниот гребен меѓу возачот и совозачот ќе најдете полнач за телефон и уште неколку ситници, но поважни се физичките копиња за неколку различни функционалности, како и контролерот за преносот и тркалце за аудио-системот.
Кабината е беспрекорна. Сите материјали кои се користени во ентериерот се навистина квалитетни и фини на допир. Седечката позиција е одлична – може да се седи ниско како во спортски автомобил, а прегледноста е воглавно добра. Секако, тука се целата гама на камери и сензори кои го олеснуваат движењето и паркирањето.
На задната клупа има простор како во класа поголем автомобил – уште една придобивка од ефикасноста која ја овозможуваат електричните автомобили. Комфорно ќе седат високи патници (и покрај огромниот стаклен сончев кров на нашиот тестен примерок). Во задната клупа е вграден централниот наслон, а самата клупа е деллива. Кога сме кај практичноста, ќе напоменеме дека багажникот е со капацитет од одлични 520 литри, а во предниот дел има уште еден мал багажен простор наменет за каблите за полнење.
Напредни системи, но вистинско BMW зад управувачот
И по сето ова, како е зад управувачот? Па и тука iX3 заслужува малку повеќе внимание – повторно, поради технологиите. Heart of Joy супермозокот со кој BMW толку многу се гордее овозможува неколку напредни системи за асистенција, а особено нè импресионираше адаптивниот темпомат и системот за следење на сообраќајот кој е супер-практичен во град. iX3 самиот ќе тргне и ќе ги следи автомобилите пред него, самиот ќе ја намали брзината и ќе застане позади автомобил на семафор и самиот ќе тргне кога автомобилот пред него ќе тргне. На отворен пат асистентот овозможува целосно да ги тргнете рацете од управувачот и тој самиот ќе го контролира iX3.
Од друга страна, кога сите овие системи ќе ги деактивирате – iX3 е вистинско BMW. Вози како BMW. Големиот, безмалку 2.3 тони тежок SUV не се срами од свиоци. Напротив, ги сака и ги очекува. Префрламе во Sport режим и карактерот на iX3 се менува. Тешките батерии гарантираат ниско тежиште, а суспензијата одлично ја контролира каросеријата. Во свиок знае да заигра и задниот дел, но сето тоа е контролирано и интуитивно. Кој сака нека го критикува, iX3 е навистина компетентен BMW.
Но истовремено, iX3 е и комфорен секојдневен сопатник. Суспензијата ги впива повеќето нерамнини. Интересно е што суспензијата не е адаптивна, но затоа е толку фино и внимателно калибрирана – всушност, ова е еден од моментите каде доаѓа до израз стремежот кон перфекција на инженерите на BMW.
Плус, има еден интересен момент кој треба да се доживее за вистински да се препознае. Го знаете она нееежно „цимнување“ нанапред-наназад кога автомобилот ќе застане? Обично, потребно е многу вниматело сопирање за да се избегне тој ефект. Епа инженерите на BMW успеале целосно да го елиминираат тоа кај iX3. Секое запирање е беспрекрнорно мазно.
Neue Klasse поставува нови стандарди.
И добро, каков е заклучокот? iX3 е всушност првите неколку страници од новото поглавје на BMW. iX3 е голем, моќен, технолошки-супериорен и навистина ефикасен. И направен е да биде Добар во Вистинскиот Свет. Не добар на хартија, не со непотребни играчки и мижи-Асан-да-ти-баам „финти“. И сигурни сме дека дебатата ќе трае уште долго време, но во нашите очи, дебатата е веќе завршена. BMW повторно постави нови стандарди.
Спецификации
| Модел: | BMW iX3 50 xDrive M Sport |
| Погон: | Два електромотори, батерија 108 KWh, пренос кон сите четири тркала |
| Моќност: | 469 коњски сили |
| Вртежен Момент: | 645 Nm |
| Менувач: | Автоматски, директен |
| 0-100 км/ч: | 4.9 секунди |
| Максимална Брзина: | 210 километри на час |
| Должина: | 4782 mm |
| Ширина: | 2093 mm (со странични ретровизори) |
| Висина: | 1635 mm |
| Тежина: | 2280 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2897 mm |
| Багажен Простор: | 520 – 1750 литри |
| Автономија: | До 800 километри според WLTP 600 километри (измерени) |
| Цена на основниот модел: | BMW iX3 40 eDrive – 71.360 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | BMW iX3 50 xDrive M Sport – 100.060 Евра |
| Повеќе Информации: | BMW.com.mk |





































































