Наместо класична премиера, јапонскиот производител одлучи новиот Pajero најпрво да го покаже пред најверните сопственици и ентузијасти на моделот, кои добија ексклузивен поглед на серискиот прототип неколку месеци пред неговото официјално деби.
Настанот се одржал во рамките на Star Camp 2026 во Јапонија, каде Mitsubishi организирал затворена презентација за избрана група љубители на Pajero. Според реакциите на присутните, новата генерација успева да ја задржи препознатливата ДНК на моделот, но истовремено носи далеку помодерен и попремиум пристап.
Посетителите го истакнале впечатливиот дизајн, новите тркала и комбинацијата од робусен изглед и елегантни детали, додека ентериерот добил особено позитивни оценки. Кабината е изработена со помеки материјали, доминира светла беж комбинација, а пространоста и квалитетот оставаат впечаток дека новиот Pajero ќе биде подеднакво убедлив и на долги патувања и надвор од асфалтот.
Под каросеријата се наоѓа нова шасија со носечка рамка, развиена врз основа на платформата на Triton, но со значително модифицирана суспензија и конструкција специјално за Pajero. Mitsubishi ветува значително подобрена удобност при секојдневно возење, без компромис кога станува збор за теренските способности – токму она што отсекогаш било заштитен знак на овој модел.
Иако компанијата сè уште не ги открива официјалните технички спецификации, се очекува новиот SUV да добие електрифициран погон, во согласност со стратегијата на Mitsubishi за проширување на понудата со хибридни и plug-in хибридни модели. Засега не е исклучена ниту употребата на еволуирана верзија од турбодизел моторот на Triton за одредени пазари.
Неофицијалните информации укажуваат дека гамата ќе вклучува GLX, GLS, Exceed и GSR изведби, а веќе се шпекулира и за идна Pajero Ralliart верзија, која би ја оживеала славната рели традиција на моделот и неговите бројни победи на Дакар.
Светската премиера на новиот Mitsubishi Pajero е закажана за есенва, кога конечно ќе бидат откриени сите детали за еден од најочекуваните теренци на годината. Со враќањето на легендарното име, Mitsubishi јасно покажува дека повторно сака сериозно да се вмеша во сегментот на вистинските теренски SUV модели, каде главни ривали ќе му бидат Toyota Land Cruiser и Nissan Patrol.




