Поминавме неколку дена со новиот, голем Škoda Superb. Знаменосецот на Škoda нуди навистина многу, но што сакаме да кажеме кога кажуваме „крај на муабетот“?
Меѓу автомобилските ентузијасти често се повторува еден ист муабет. Муабетот никогаш не е „истиот“ секако, и како што поминува времето и пристигнуваат нови и нови модели, тој се „врти“ околу различни автомобили – но неговата основна тема е истата. А темата е – доколку треба да изберете еден, единствен автомобил кој би ги задоволил сите ваши потреби, кој автомобил би го избрале?
И секако, тука се поставуваат и неколку услови. Понекогаш муабетот е „money no object“, односно без ограничување на цената. Понекогаш се ограничуваме на конкретна сума. Понекогаш ги земаме предвид тековните примања, па се сведува на „што би си купил со парите кои ги заработуваш“. И муабетот е секогаш интересен бидејќи едноставно нема Правилен Одговор, туку секој со своите желби, потреби, соништа и амбиции.
И тоа конечно нè носи до Škoda Superb. Најновата, четврта генерација на супер-успешниот седан на Škoda всушност пристигна на македонскиот пазар пред скоро две години (и веќе е секојдневно на нашите улици), но сега конечно пристигна и во нашите раце – и тоа во можеби најинтересната конфигурација!
Наметлив седан.
Здраво Superb Sportline. Новиот Superb веќе е голем и доминантен седан, но со Sportline пакетот станува уште понаметлив. Едноставно, нема бегање од димензиите на Superb, а во време кога на пазарот (и на улиците) доминираат вакви и онакви SUV модели, низок и широк седан е навистина забележлива појава.
И всушност, и самиот дизајн го потенцираат ставот на Superb и неговите нагласено-хоризонтални линии. Предниот дел е дефиниран преку широките предни светлосни групи и широката (во случајов црна, поради Sportline изведбата) предна решетка. Браникот е длабок, а малите аеро-додатоци од Sportline пакетот дополнително го истакнуваат ставот.
Профилот е низок и долг, како што и прилега на ваков голем седан. Интересно, поради петтата врата, профилот е дури и некако купеовски. Големите 19-инчни тркала одлично ги пополнуваат крилата и ова е еден од ретките автомобили за кого навистина не сметаме дека се потребни број-два поголеми тркала.
Острата профилна линија и ниските, долги стаклени површини уште позасилено ја нагласуваат „хоризонталноста“ на Superb.
На задниот дел вниманието оди највеќе кон широките задни светла и црните ознаки. И на задниот дел највеќе е „играно“ со хоризонтални линии и форми. Но во суштина, задниот дел е едноставен и елегантен и само малиот, дискретен заден спојлер (и црните ознаки, секако) издава дека тука се работи за Sportline.
Огромна, комфорна, па дури и премиум кабина!
Кога ќе ја отвориме вратата нè пречекува ентериер кој уште на првиот контакт делува како да може да им конкурира и на премиум конкурентите. Да, го кажавме тоа и стоиме позади тоа што сме го кажале.
Првиот впечаток доаѓа од одличните спортски седишта кои не само што добро изгледаат, туку се истовремено и исклучително комфорни, но и нудат одлична странична поддршка во свиоци. Се сместуваме во возачкото седиште и лесно наоѓаме комфорна и ниска (но сепак прегледна) возачка позиција. Сите команди се блиску на дофат и лесни и разбирливи за користење. Интересно е што рачката за менувачот е поставена на управувачкиот столб – а тоа значи дека од една страна е веднаш на дофат, а од друга страна се ослободува повеќе простор на централниот гребен меѓу возачот и совозачот.
Веднаш пред возачот е поставен големиот прилагодлив дигитален дисплеј кој ги покажува сите информации околу возењето. На средината на арматурната табла е поставен големиот инфозабавен систем наменет за останатите функционалности. Веднаш ќе кажеме дека системот работи брзо и респонзивно и немавме никакви проблеми. Секако, доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
Веднаш под овој екран се наоѓаат отворите за вентилација, додека под нив се иновативните – и би додале, одличните – Smart Dials кои Škoda ги воведе кај своите модели. „Тркалцата“ нудат лесен и брз пристап до неколку различни функционости – од прилагодување на гласноста на аудио-уредот, до контролирање на климата-уредот и греењето на седиштата, па сè до бирање на режимот за возење. Одлично решение!
Во централната конзола меѓу возачот и совозачот има и огромен Jumbo Box простор за складирање ситници (кој патем, се лади од клима-уредот). Всушност, околу предните седишта има навистина многу простор за складирање ситници.
Но приказната за Superb не завршува на предните седишта. О не, никако. Вистинското изненадување (иако веќе и не е толку изненадување) кај Superb доаѓа на задната клупа, каде е комфорно и просторно како кај автомобили кои се значително, значително поскапи. Патниците на задната клупа не само што ќе седат и ќе патуваат комфорно, туку добиваат и свои USB-C приклучоци, иновативни наслони за глава кои ја држат главата во место ако задремат, завесички во вратите и многу, многу повеќе.
Kонечно, пристигнуваме и до багажникот. Како и досега, Superb всушност не е седан, туку е огромен хечбек (или лифтбек, како што некои сакаат да кажат) – а тоа значи дека има голема петта врата која овозможува лесен пристап до багажникот. А багажникот е со капацитет од 645 литри, односно дури 1795 литри со преклопена задна клупа.
До багажникот се пристапува лесно, а во самиот багажник има и 220-волтен приклучок и уште неколку други Simply Clever додатоци. Всушност, тие ги има во целиот автомобил – од чадорот во возачката врата, преку големиот Jumbo Box во кој има и специјално „сунѓерче“ за чистење на дисплејот, па сè до малиот милион други додатоци кои го олеснуваат секојдневното живеење со Superb.
2-литарски турбодизел, 193 коњски сили и погон на сите тркала
И полека од сигурно, пристигнуваме до погонот на нашиот Superb Sportline. Под предниот поклопец го најдовме докажаниот, незаменлнив 2.0 TDI кој преку DSG автоматски менувач со 7 степени и 4×4 погон кон сите четири тркала испорачува 193 коњски сили и моќни 400 Nm вртежен момент. Максималната моќност е достапна од 3500 вртежи во минута, додека максималниот вртежен момент е достапен од само 1750 вртежи во минута.
Во превод, тоа значи дека големиот Superb забрзува до 100 километри на час за 7.5 секунди и достигнува максимални 238 километри на час. Но она што ваквите „суви“ бројки не можат да го објаснат е начинот на кој Superb катапултира нанапред без разлика на условите – особено во Sport режим. Едноставно ја притискаме десната педала и големите тркала обвиени во спортски пневматици го „гризаат“ асфалтот и големиот Superb лансира нанапред.
Катапултира нанапред, но не се срами од свиоци
И оваа динамичност продолжува и кога ќе пристигнеме до свиоци. Во Sport режим адаптивната шасија се зацврстува и ја контролира каросеријата а системот по потреба префрла дел од коњските сили и вртежниот момент и кон задните тркала – и резултат на тоа? Superb влегува во свиоци со ентузијазам кој е некарактеристичен за ваков голем автомобил. Управувањето е прецизно и директно (и дури и изнендаувачки комуникативно), подуправувањето е одлично контролирано и предвидливо и Superb едноставно… Го оправдува своето име.
Од друга страна, кога сакаме да возиме опуштено – можеме да го направиме и тоа. Во тие ситуации, Superb е комфорен, доверлив и опуштен сопатник. Секако, тоа се должи и на огромното меѓуоскино растојание, но и на звучната изолација, квалитетните материјали и многуте камери, сензори и додатоци.
Крај на муабетот?
И всушност, тоа нè враќа до првиот муабет. Односно до Муабетот за кој зборувавме на почетокот. Ако треба да изберете еден автомобил кој ќе треба да го користите до крајот на животот и кој ќе може да направи сè што ќе побарате од него, што би избрале?
Па.. Со оглед на тоа дека Superb може да биде и комфорен крстосувач, и практичен семеен транспортер, но и изненадувачки динамичен спортски седан (или караван, ако сакате, имате и тоа!), муабетот некако се завршува самиот. Superb. Крај на муабетот.
Спецификации
| Модел: | Škoda Superb 2.0 TDI 193 4×4 DSG Sportline |
| Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
| Моќност: | 193 коњски сили / 3500 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 400 Nm / 1750 – 3250 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
| Забрзување 0-100 км/ч: | 7.5 секунди |
| Максимална Брзина: | 238 километри на час |
| Должина: | 4912 mm |
| Ширина: | 2090 mm (со странични ретровизори) |
| Висина: | 1481 mm |
| Тежина: | 1730 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2841 mm |
| Багажен Простор: | 645 – 1895 литри |
| Потрошувачка: | 7.7 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на основниот модел: | Škoda Superb 1.5 TSI 150 e-TEC ACT DSG Essence – 38.870 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | Škoda Superb 2.0 TDI 193 4×4 DSG Sportline – 50.160 Евра |
| Повеќе Информации: | Skoda.mk |




































































