BYD Da Han: Новиот знаменосец е подолг од Mercedes S-Class и има моќност до 764 КС – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BYD Da Han: Новиот знаменосец е подолг од Mercedes S-Class и има моќност до 764 КС

Кинескиот гигант BYD ја проширува својата „Dynasty“ гама со импозантна лимузина наречена Da Han – луксузен крстосувач со батерија тешка 726 килограми, моќност до 764 коњски сили и најавена автономија до преку 1.000 километри.

BYD го претстави својот најнов и најпрестижен модел во линијата „Dynasty“ – знаменосецот Da Han. Поставен директно над веќе познатиот модел Han, овој модел пристигнува со јасна мисија – да го предизвика самиот врв на европскиот премиум сегмент.

Првото нешто што паѓа во очи кај Da Han се неговите пропорции. Со вкупна должина од 5.256 милиметри, ширина од 1.999 мм и висина од 1.510 мм, кинескиот седан ги надминува димензиите на стандардната верзија на Mercedes-Benz S-Class (5.179 мм). Меѓуоскиното растојание изнесува импесивни 3.130 милиметри, што ветува кралски комфор и максимален простор за патниците на задната клупа.

Дизајнерски, BYD се одлучиле за елегантна, аеродинамична силуета. Предниот дел се одликува со ниска линија на поклопецот, остри LED светла споени со светлосна лента и дискретна црна решетка во долниот дел од браникот. Страничната линија е исчистена од непотребни детали, а посебен визуелен печат даваат контрастните сребрени елементи на покривот и темните B-столбови кои се прелеваат во стаклените површини.

Под атлетската каросерија се крие сериозна архитектура. Сите целосно електрични верзии на Da Han го користат истиот батериски пакет со капацитет од 102 kWh. Оваа батерија, која сама по себе тежи речиси 726 килограми, ги напојува електричните мотори во две основни конфигурации:

Првата е Single-Motor еден со еден задно поставен електричен мотор со моќност од 496 КС (370 kW) и заден погон. Зависно од нивото на опрема и аеродинамиката, најавениот досег според кинескиот CLTC циклус изнесува меѓу 970 и 1.008 километри.

Втората Dual-Motor е наменета за оние кои бараат брутални перформанси, достапна е верзија со два електрични мотори кои комбинирано испорачуваат вистински суперавтомобилски 764 КС (570 kW) кон сите четири тркала. Оваа изведба го задржува истиот батериски пакет од 102 kWh, а проценетата автономија по CLTC варира од 820 до 880 километри.

Поврзано:  BYD во Европа ќе нуди плаг-ин хибрид во сегмент во кој никој не го очекуваше

За купувачите кои сè уште страдаат од „анксиозност од автономија“ или патуваат на исклучително долги дестинации, BYD подготви и Plug-in Hybrid (PHEV) варијанта.

Она што е фасцинантно кај PHEV моделот е капацитетот на неговата батерија – дури 54.4 kWh, што е поголема батерија од оние што ги наоѓаме кај многу други целосно електрични градски автомобили. Во комбинација со 1.5-литарски турбо-бензински мотор и електромоторот, овој систем развива вкупно 422 КС, додека самото движење исклучително на електрична енергија изнесува до 470 километри според CLTC циклусот.

Со Da Han, BYD испраќа јасна порака до традиционалните играчи во луксузниот сегмент. Комбинирајќи димензии на Германска луксузна лимузина, моќност од преку 760 коњски сили и напредна технологија на батерии, кинескиот бренд покажува дека веќе не игра само на картата на достапност, туку цели директно на врвот на автомобилската хиерархија.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.