Стратегијата означува целосен пресврт за германскиот гигант, кој традиционално развиваше автомобили во Европа за потоа да ги извезува во странство.
Компанијата веќе нарачала студија за изводливост која треба да испита дали има економска логика во целата идеја. Првично, плановите вклучуваат увоз на готови возила произведени во кинеските погони, но се разгледува и можноста за нивно склопување и производство на клучните компоненти директно во Европа.
Главната цел на овој потег е да се пополни празнината во европската понуда со понапредни и подостапни електрични и хибридни модели. Кинескиот пазар донесе брз технолошки развој кај возилата на Volkswagen, па затоа компанијата сака да го искористи тој потенцијал за да се спротивстави на се поострата конкуренција. Сепак, идејата наводно се соочила со поделени мислења меѓу раководството на германскиот производител.
Производството на овие модели во европските погони би помогнало и во избегнувањето на високите царини кои ЕУ ги наметна на увезените возила. Дополнително, ова би донело повисока искористеност на капацитетите во домашните фабрики во Германија, кои во моментов се соочуваат со намален обем на работа.
Конечната одлука сè уште не е донесена бидејќи проектот е во фаза на истражување и анализи.







