ТЕСТ: Chery Tiggo 7 PRO 1.5T PHEV 2WD – Голем, ефикасен и комфорен! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Chery Tiggo 7 PRO 1.5T PHEV 2WD – Голем, ефикасен и комфорен!

Плаг-ин хибридниот Tiggo 7 се натпреварува во еден од најкомпетитивните сегменти, со конкуренти кои веќе традиционално доминираат на пазарот. Но истовремено, Tiggo 7 PHEV е еден од најпродаваните модели на Chery во Европа – па ајде да дознаеме зошто.

Полека и сигурно, Chery го пронаоѓа своето место на пазарот во Европа. Всушност, заедно со брендовите Jaecoo и Omoda, во Европа во првите пет месеци од 2026 продадоа скоро 135.000 возила. Секако, тоа го прават со агресивна ценовна стратегија, но истовремено (и можеби поважно) и со портфолио на модели кои се технолошки напредни, ефикасни и интересни.

И тоа нè носи до Tiggo 7 PHEV – моделот кој е своевидна „златна средина“ во понудата на Chery во Европа и во Македонија. Tiggo 7 е SUV (очекувано) долг 4.5 метри и директен конкурент на модели кои доаѓаат од Европа, но и од далечниот исток. А за да се бори со тие конкуренти треба да биде навистина, навистина компетентен. Па, ајде да зборуваме за Tiggo 7 PHEV.

Самоуверен SUV

Кога за прв пат ќе го погледнете Tiggo 7, ќе ве изненади неговата самодоверба. Веднаш се препознава дека ја следи семејната дизајнерска насока на Chery и дека го интерпретира дизајнот на големиот Tiggo 8 Pro, но во нијанса покомпактна каросерија.

На предниот дел едноставно доминираат огромната предна решетка и црните панели околу неа. Тука се и редизајнираните предни светла и ниско-поставените светла за магла.

Профилот е типичен за SUV, со чисти површини и јасни линии. Околу целиот SUV има црни пластични панели кои ја нагласуваат робустноста, како и декоративни хромирани елементи. Дизајнерски елемент кој не ни се допаѓа се тркалата – треба да бидат барем еден број поголеми, а и самиот дизајн е некако здодевен.

На задниот дел вниманието оди кон трендовнскиот едноделен светлосен елемент кој има интересна графика изведена од засебни LED ленти, како и кон храбриот заден спојлер. На поклопецот од петтата врата гордо стои името CHERY испишано со големи букви.

Сè на сè, Tiggo 7 се обидува да изгледа наметливо и доминантно, а храбриот дизајн му го овозможува токму тоа.

Исклучително комфорна кабина

Кабината изненадува и го потврдува одличното ценовно позиционирање на Tiggo 7. Ја отвораме вратата и нè пречекува исклучително комфорна кабина каде многу, многу внимание е посветено на деталите. Всушност, малку подзамижете и кабината наликува (и на изглед и на допир) на кабина која би ја очекувале кај значително поскап (и попремиум) бренд.

Поврзано:  Знаменосецот на Chery, големиот плаг-ин хибриден Tiggo 9 Pro пристигна во Македонија!

На арматурната табла е поставен едноделен мултимедијален панел во кој има два 12.3-инчни екрани. Пред возачот е поставен екран за информациите околу возењето (кои на прва се малку збунувачки, покажуваат просек на потрошувачка на изминатите 50 километри, но по некое време се навикнувате), додека на централниот екран се поставени инфозабавните функционалности. Веднаш под централниот екран се поставени физичките контроли за клима уредот.

На централниот гребен меѓу возачот и совозачот се безжичниот полнач за мобилни телефони (и тоа со моќност до 50W!) и кристалната рачка за менувачот. Околу неа има уште неколку контроли, а најважно – тркалце за аудиото!

Инаку, седиштата се исклучително комфорни, дури и кога се патува кон подалечни дестинации. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, но би посакале уште малку нагодување на управувачот по длабочина. Сите команди се лесни разбирање и користење, а големиот хед-ап дисплеј ги пренесува најважните информации околу возењето директно на ветробранското стакло.

Изненадувачки многу простор има и на задната клупа. Таму комфорно ќе се сместат двајца патници, а доколку е навистина потребно – и тројца. Задната клупа е деллива во однос 60:40, а има и централен наслон за рацете. Возачот, совозачот и патниците ќе уживаат во огромниот панорамски стаклен кров, како и во одличниот Sony аудио уред.

Багажникот е со капацитет од 484 литри со исправени задни седишта, односно 1672 литри со преклопена задна клупа. Кон багажниот простор се пристапува преку голема петта врата.

Ефикасен плаг-ин хибриден погон, 80 километри на струја

И сега конечно, време да зборуваме за погонот на Tiggo 7 PRO PHEV. Плаг-ин хибридниот SUV го носи безмалку истиот погон кој го носеше и Chery Arrizo 8 PHEV кој го возевме пред неколку месеци – а тоа значи комбинација од 1.5-литарски турбо-бензинец, електромотор и батерија со капацитет од 18.3 kWh. Бензинецот испорачува 140 коњски сили и 215 Nm вртежен момент, додека електромоторот испорачува 201 коњска сила. Вкупната, системска моќност е 278 коњски сили и 365 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон предните тркала преку 1DHT менувач наменет за хибридни автомобили.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Freelander 8 е првиот SUV на моделот кој стана бренд

Сето тоа овозможува авономија на струја до околу 80 километри со полна батерија. Истовремено, големиот SUV забрзува до 100 километри на час за 8.4 секунди, достигнува максимални 180 километри на час и со полна батерија и полн резервоар има вкупна декларирана автономија до 1200 километри! Но вистината е дека ако 80-тина километри ви се доволни за секојдневните потреби, тогаш повеќето од времето Tiggo 7 PHEV ќе го возите на струја.

Секој старт е на струја, па стартувањето и тргнувањето е мирно, тивко и рафинирано. При посилно притискање на педалата за гас се активира и бензинецот, но сето тоа е навистина „добро испеглано“ и не се пренесува никаква несакана бучавост во кабината. Само при силно притискање на педалата за гас при автопатски брзини се забележува нијанса поголема бука од турбо-бензинецот.

Tiggo 7 PRO PHEV не се обидува да биде „спортски“ SUV.

Но во вистинскиот свет, Tiggo 7 Pro е наменет да биде комфорен, релаксиран и рафиниран. Нема ни „С“ од спортско, и не ни треба да има. А тоа резултира со комфорно лебдење врз нашите улици. Управувањето е лесно, и повторно – со нагласен фокус кон комфорот. Ако очекувате спортско управување, тогаш Tiggo 7 можеби ќе ве разочара, но вистината е дека не се ни обидува да биде спортски SUV. Токму напротив – Tiggo 7 едноставно ужива во комфорно крстарење.

Инаку, маневрирањето низ град е лесно – а тоа е благодарение на чистата форма на Tiggo 7, големите стаклени површини, но и на целата лепеза на камери и сензори. Ги има и сите други системи за асистенција во возењето, а на отворен пат адаптивниот темпомат одлично си ја брка работата. Системот за следење на коловозната лента знае да биде нијанса пренападен, особено на потесни патишта, но тој систем и системот за следење на погледот на возачот се исклучуваат релативно лесно преку инфозабаваниот уред – дури можете да си поставите и кратенки.

Поврзано:  Знаменосецот на Chery, големиот плаг-ин хибриден Tiggo 9 Pro пристигна во Македонија!

И да, пред да ја заокружиме дискусијата, ќе посветиме малку внимание и на безбедноста. Нема да објаснуваме премногу, само ќе кажеме дека на EuroNCAP тестирањата, Chery Tiggo 7 освои максимални пет ѕвездички – и веќе сме кажале доволно.

Зрел SUV за оние кои ќе го препознаати ќе го ценат.

Па добро, каков е заклучокот? Tiggo 7 PRO PHEV доаѓа со многу силни аргументи во својот агол. Дизајнот можеби нема да биде по сечиј вкус, но јасниот фокус кон комфорот во комбинација со исклучително ефикасниот погон го прават навистина интересен за зрелите купувачи. Плус, чери дава 7-годишна гаранција за мирна глава. И сето тоа нè носи кон интересен (иако можеби очекуван) заклучок – Tiggo 7 PRO PHEV не е за лудување, ниту пак за оние кои сакаат спортски SUV. Tiggo 7 PRO PHEV е голем, зрел плаг-ин хибриден SUV наменет за оние кои вистински ќе го препознаат и ќе го ценат.

Спецификации

Модел: Chery Tiggo 7 PRO 1.5T PHEV 2WD Noble
Погон: LFP батерија 18.3 kWh
1.5-литарски турбо-бензинец со 140 коњски сили
Електромотор
Моќност на електромотор: 201 коњска сила
Системски вртежен Момент: 365 Nm
Системска моќност: 278 коњски сили
Менувач: Автоматски 1DHT директен
0-100 км/ч: 8.4 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4553 mm
Ширина: 1862 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1696 mm
Тежина: 1795 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2670 mm
Багажен Простор: 484 – 1672 литри
Потрошувачка: ~4.4 литри на 100 километри (измерена, градска, со безмалку испразнета батерија)
Цена на основниот модел: Chery Tiggo 7 PRO 1.5T PHEV 2WD Noble – 33.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Chery Tiggo 7 PRO 1.5T PHEV 2WD Noble – 33.500 Евра
Гаранција 7 Години, 150.000 километри
Повеќе Информации: Chery Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.