ТЕСТ: Renault Clio 1.2 TCE 115 M6 Techno – Clio заслужува внимание! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Renault Clio 1.2 TCE 115 M6 Techno – Clio заслужува внимание!

Низ годините, Clio беше еден од дефинирачките модели во сегментот, а со најновата генерација, Renault сака да го издигне на највисоката позиција на пиедесталот. Да зборуваме за новото Clio.

Како што минуваат годините, автомобилите и сегментите во кои тие припаѓаат се менуваат. Се менуваат и барањата на купувачите – доаѓаат и сосем нови сегменти, а некои сегменти едноставно ги снемува. И иако изгледаше како сегментот во кој припаѓа Clio како да тргнал во таа насока, токму автомобилите како Clio покажуваат и докажуваат дека не е баш така.

Всушност, и Clio веќе не е она што беше. Со репозиционирањето на Renault изминативе неколку години (главно под водството на Luca de Meo) и новата дизајнерска насока исцртана од страна на Gilles Vidal (кој неодамна се врати во Stellantis да го води дизајнот на европските брендови на глобалниот гигант), сите модели – вклучувајќи го и Clio – целат кон скалило-две погоре во хиерархијата на брендовите.

Па затоа, Clio мораше да се смени. Мораше и да порасне, секако, и тоа во сите насоки. Всушност, ако ги гледаме димензиите – новотo Clio е мноооогу блиску до Megane од втората генерација. Секако, и Megane порасна во меѓувреме, но новите димензии на Clio кажуваат дека Clio веќе и не е толку.. Clio. И французите многу добро го знаат, па токму затоа Clio има нова и важна позиција во портфолиото на Renault.

Наметлив, самоуверен дизајн

И тоа веднаш се забележува со дизајнот. Ако досега Clio беше динамичен но ненаметлив (RS моделите настрана, секако) градски хечбек, сега Clio е самоуверен, наметлив и забележлив.

На предниот дел вниманието веднаш оди кон несекојдневните, остри црни светла и длабокиот, отворен преден браник во кој се поставени и дневните светла. Широката, сложена предна решетка е внимателно изработена од десеттици мали логоа на Renault кои на прв поглед нема да ги забележите, но кога ќе ги забележите – тука се.

Профилот е дури купеовски, највеќе благодарение на скриените рачки на задните врати. Околу тркалата има декоративни црни панели кои визуелно му даваат на Clio поробустен лик, а затегнатните површини прават каросеријата да изгледа како да е „затегната“ врз структурата под неа. Сепак, би посакале Clio да е сантиметар-два поблиску до подлогоата, а не би ни пречеле ниту барем еден број поголеми тркала.

Поврзано:  Бојан Петрушевски викендов ќе вози на Paul Ricard во рамките на Clio Cup Europe!

Задниот дел на Clio е комплексен, со четири „очи“, контрастни површини и наметлив заден спојлер. Задните светла како да се исфрлени од каросеријата, а петтата врата прави уште еден дискретен „спојлер“ кој ги истакнува динамичните намери на Clio.

Сè на сè – ни се допаѓа новото Clio. Не е лесно толку ефективно да се истакне карактерот кај малите автомобили, но дизајнерите на Renault во потполност успеале. Clio има свој, препознатлив и непогрешлив карактер. Само ако ние бираме, би одбрале друга боја. Зелената или црвената боја кои Renault ги има во понудата би му стоеле многу подобро од сивата боја на нашиот тестен примерок.

Најсовремениот ентериер во сегментот?

А внатре? Ја отвораме возачката врата и нè пречекува можеби најсовремениот ентериер во сегментот. Веднаш ги препознаваме семејните сличности со одличното електрично Renault 5, но веднаш ја препознаваме и темелната дигитализација.

Се сместуваме во комфорното возачко седиште и лесно наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција. Вниманието веднаш оди кон двата 10.1-инчни екрани интегрирани во еден елемент. Екранот пред возачот е наменет за најважните информации околу возењето, додека централниот екран е наменет за инфозабавните функционалности, навигацијата и слично.

Веднаш ќе напоменеме дека OpenR Link оперативниот систем е изграден врз Google Automotive платформата, што пак овозможува на самиот автомобил да се достапни сите услуги на Google – од асистент, до Google Maps, Waze и многу, многу повеќе. Секако, можете да го поврзете и вашиот телефон и да користите Android Auto и Apple CarPlay. Но и самиот систем во Clio функционира брзо и ефикасно, a вниманието посветено на „пеглање“ на интерфејсот и функционалностите веднаш се препознава.

Ни се допаѓа и одлуката на Renault да задржи физички контроли за (изненадувачки многу, во денешно време) некои функционалности. Па така, веднаш под инфозабавниот екран има физички контроли за клима уредот, а зад управувачот (и не толку лесно забележливи, над самиот инфозабавен екран) има контроли за аудио-уредот. На управувачот има и Multi Sense прекинувач за брзо одбирање на режим на возење.

Поврзано:  Renault го освежи електричниот Megane E-Tech

Инаку, во кабината е навистина комфорно. Возачот и совозачот имаат повеќе од доволно простор, седиштата се комфорни и нудат добра странична поддршка, а на задната клупа ќе се сместат двајца возрасни патници. Ако е мноооогу итно, може да собере и тројца, но не би го препорачале тоа, особено не ако патувате кон подалечни дестинации.

Од друга страна, ќе ги пофалиме материјалите и текстурите во кабината. Арматурната табла е обвиена во нови, современи материјали и изгледа навистина привлечно и скапоцено. Навистина, сè што ќе допрете е покриено со квалитетен и пријатен материјал. Во пониските делови од кабината има некои поцврсти пластики, но тоа се обично површини кои најверојатно нема никогаш да ги допрете.

Багажникот е со капацитет од 391 литар, комфорно во рамките на она кое се очекува од сегментот (па можеби и од сегмент погоре). Кон багажниот простор се пристапува преку голема петта врата, а самиот багажен простор е со правилна, корисна форма. Задната клупа е деллива во однос 40:60, што секако додава на секојдневната практичност и корисност.

Изненадувачки ефикасен 1.2-литарски турбо-бензинец и мануелен менувач

Под предниот поклопец на нашиот тестен примерок се најде 1.2-литарскиот TCe турбо-бензинец на Renault, кој во Clio испорачува 115 коњски сили од 4350 вртежи во минута и солидни 190 Nm вртежен момент од 1750 до 4000 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку прецизен, 6-степен менувач, а резултат на комбинацијата е забрзување до 100 километри на час за 10.3 секунди и максимални 180 километри на час. Моторот и менувачот се добро впарени, па Clio лесно се снаоѓа во сите ситуации. Ќе забележиме дека одот на левата педала е долг и сепак, за автомобил кој најверојатно највеќе се се движи во урбан метеж, би препорачале автоматски менувач. За време на неколкудневното тестирање измеривме просечна потрошувачка од околу 6.5 литри на 100 изминати километри. Импресивно.

Но навистина, Clio е на свое во урбаните средини. Управувањето е лесно, директно и прецизно, па маневрирањето не претставува никаков проблем. Секако, паркирањето го олеснуваат паркинг-сензорите, но Clio е вистински урбан фраер – не нè ни чуди што ја освои титулата Најпосакуван Градски Автомобил на овогодинешното Златно Тркало.

Поврзано:  Бојан Петрушевски викендов ќе вози на Paul Ricard во рамките на Clio Cup Europe!

Кога сме кај урбаното возење – Clio доаѓа со сите системи кои се задолжителни и потребни во денешно време. Ги има сите потребни системи за асистенција во возењето – од системот за следење на погледот на возачот, па сè до системот за препознавање на ограничувањето на брзина – нешто што е особено корисно во новите Сејф Сити времиња. За среќа, лесно се гасат, ако одлучите да не ги користите.

И да, Clio одлично се снаоѓа со нашите не-баш-совршени градски улици. Суспензијата одлично ги впива нерамнините од нашите улици, но истовремено и добро го контролира движењето на каросеријата кога ќе го насочите Clio кон свиоци. Clio и тука има што да понуди – комбинацијата од турбо-бензинец и мануелен менувач успева да изнуди насмевки кога патот веќе не е толку прав. А лесно „држи темпо“ и на автопатски брзини.

Заклучок: Clio созреа во поголем, попаметен и поефикасен автомобил

Новото Clio е навистина ново. Низ годините, Renault му овозможи на Clio да созрее и да стане поголем, попаметен, попрактичен и поефикасен автомобил. Најновата генерација е кулминацијата на тој внимателен пристап и директно покажува дека сè уште има автомобили во овој сегмент кои заслужуваат внимание. А Cliо навистина заслужува внимание.

Спецификации

Модел: Renault Clio 1.2 TCE 115 M6 Techno
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 115 коњски сили / 4350 вртежи во минута
Вртежен Момент: 190 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 10.3 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4166 mm
Ширина: 2006 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1451 mm
Тежина: 1260 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2591 mm
Багажен Простор: 391 – 1176 литри
Потрошувачка: 6.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Renault Clio 1.2 TCe 115 M6 Evolution – 19.862 Евра
Цена на тестираниот модел: Renault Clio 1.2 TCE 115 M6 Techno – 22.022 Евра.
Повеќе Информации: Renault.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.