ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT 4-Door Coupe има три електромотори, до 1169 коњски сили и звучи како V8! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT 4-Door Coupe има три електромотори, до 1169 коњски сили и звучи како V8!

Mercedes-Benz прилично самоуверено го претстави првиот целосно-електричен AMG!

Ајде прво за најважните работи. Новиот Mercedes-AMG GT 4-Door Coupe е изграден врз 800-волтна AMG.EA архитектура, која овозможува навистина импресивни бројки. Во подот е вградена батерија со капацитет од 106 kWh, која напојува три електромотори. Резултат на сето тоа? Луди 1169 коњски сили и 2000 (!!) Nm вртежен момент при лансирање кај GT 63.

А сето тоа значи спринт до 100 километри на час за 2.1 секунда, 200 за 6.8 секунди и максимални 300 километри на час. Доколку тоа е многу, на располагање ја имате GT 55 верзијата која има само 8165 коњски сили. А да, и двете верзии тежат 2460 килограми.

Според официјалните податоци, AMG GT 63 поминува 696 километри со едно полнење, додека AMG GT 55 поминува рамно 700. Амбициозно, и најверојатно далеку од остварливо во вистинскиот свет – но во идеални услови, зошто да не? Импресивно е полнењето – батеријата може да се полни со максимални 600 kW, однсоно да се наполни од 10 до 80% за околу 10 минути.

Дизајнот е сличен на концептот кој Mercedes-AMG го претстави минатата година, но сепак има претрпено значителни измени. На предниот дел доминираат светлата кои се споени во еден елемент, како и длабоката предна решетка. Профилот е купеовски извајан, со силен фокус на динамиката, додека на задниот дел вниманието оди највеќе кон огромниот црн панел кој ги крие светлата. Интересна е активната аеродинамика – можете да нарачате активен заден дифузер кој се извлекува наназад кога е активиран, и со тоа значително ја подобрува ефикасноста на целиот автомобил. Коефициентот на отпор на воздухот е импресивни 0.22 Cd.

Кабината добива прекрасни спортски седишта, но главниот фокус е на дигитализацијата (секако). Новиот инфозабавен систем сега за сега е ексклузивен за AMG GT 4-Door Coupe и вклучува екран за возачот, огромен централно-поставен инфозабавен дисплеј и засебен екран наменет за совозачот. Физички копчиња скоро и да нема, но на централниот гребен се поставени три тркалца за контролирање на динамичните аспекти на автомобилот. Плус, навистина звучи како V8!

Да, ова е значителен исчекор за Mercedes-AMG. Пазарот се менува и навистина е тешко да се предвиди што ќе се случува во следните неколку години. Но Mercedes-AMG не би биле Mercedes-AMG ако не ги туркаат лимитите до максимум.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.