Со врвна практичност, одлична просторност и примамлива цена, Škoda Epiq има задача да ја приближи електричната мобилност до што е можно повеќе купувачи.
Сегментот на мали SUV модели станува уште покомпетитивен со новиот Epiq. Škoda веќе има одличен успех во сегментот со супер-успешниот Kamiq, но Epiq е понов, целосно-електричен и целосно го имплементира Modern Solid дизајнерскиот јазик на чешкиот бренд.
Дизајнот е чист и остар, со препознатлив светлосен потпис и широки површини. На предниот дел вниманието оди директно кон предните светла и нагласениот браник. Светлата се „скриени“ под дневните светла, а на задниот дел го добиваме новиот светлосен идентитет на Škoda. Epiq доаѓа во интересни бои (и комбинации на бои), добива и интересни тркала – и сè на сè, одлично ќе се интегрира во мобилната урбана мобилност.
Инаку, Epiq е поставен на MEB+ платформата на Volkswagen групацијата. Оваа платформа е наменета за мали и полесни електрични возила со погон на предните тркала – а тоа значи дека Epiq е поставен на истата основа со новите Cupra Raval и Volkwagen ID. Polo.
Ќе се нудат две батерии – едната со капацитет од 37 kWh, другата со капацитет од 52 kWh. Во зависност од избраната батерија, достапни се неколку различни електромотори – основниот е со 116, вториот со 135 коњски сили, и на самиот врв е верзијата со 208 коњски сили. Автономијата е меѓу 330 и 440 километри, во зависност од батеријата и електромоторот.
Инаку, полнењето е со максимални 105 kW на DC полнач, кој овозможува полнење од 10 до 80% за помалку од 25 минути. Интересна функционалност е и Vehicle-To-Load опцијата која овозможува од батериите на Epiq да се напојуваат други уреди, или пак со соодветна инфраструктура, да се напојува и вашиот дом.
Кабината е дизајнирана да биде практична и просторна, но и лесна за секојдневно користење. Секако, има и силен фокус кон дигитализацијата – големите екрани, но и напредните технологии (како на пример дигиталниот клуч) сведочат за тоа.
Истовремено многу внимание е посветено и на изборот на материјали – од Škoda гордо кажуваат дека дури 34 килограми рециклирани материјали се искористени во автомобилот и дека Epiq е првиот модел на Škoda во кој не се користени никакви материјали од животинско потекло. Epiq е вистински рекордер кога станува збор и за багажниот простор – багажникот е со капацитет од одлични 475 литри!
Да го прослави лансирањето на Epiq, Škoda го лансира и Epiq First Edition. Оваа верзија е достапна во пет бои и е замислена да му даде на електричниот SUV позабавен, поинтересен изглед. Epiq First Edition стандардно доаѓа со неколку пакети на дополнителна опрема и грст други опции и додатоци.






















