ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID. Polo GTI е првиот електричен GTI! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen ID. Polo GTI е првиот електричен GTI!

Нешто повеќе од две недели по дебито на стандардниот електричен модел, пристигна и неговата спортска изведба.

Објавувањето на новиот ID. Polo GTI во овој период не е воопшто случајно. Тоа пристигнува точно 50 години после оригиналниот Golf GTI.

Моделот во голем дел го задржува истиот дизајн на стандардното електрично ID. Polo, но додава редизајнирани браници и заден спојлер за поагресивен изглед. Добива и поширок, поагресивен став, како и поголеми тркала кои кријат помоќни сопирачки.

Вертикалните дневни LED светла се ексклузивни за оваа верзија, заедно со препознатливите црвени акценти под  фаровите кои остануваат заштитен знак на GTI семејството.

ID. Polo GTI доаѓа со прилагодлива спортска суспензија и 19-инчни тркала во двобојна изведба како дел од стандардната опрема

Спортскиот дух продолжува и во внатрешноста, каде доминираат црвени детали и спортски предни седишта кои нудат подобра странична поддршка. На управувачот е додадена GTI ознака, како и маркер на горниот централен дел.

Додека стандардните верзии на ID. Polo ќе нудат од 115 до 211 коњски сили, топ-моделот GTI испорачува 226 коњски сили и вртежен момент од 290 Nm.

Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 6,8 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 175 км/ч за да се зачува ефикасноста на батеријата.

ID.Polo GTI доаѓа исклучиво со поголемата батерија од 52 kWh, која според WLTP циклусот овозможува автономија од околу 424 километри. Сепак, со оглед на неговиот спортски карактер, реалниот досег веројатно ќе биде помал.

Цената за новиот ID. Polo GTI во Европа ќе започнува од 39.000 евра, што е значително повеќе од почетната цена на основниот модел за која беше објавена сума од околу 25.000 евра.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новото име носи многу новитети - Volkswagen го претстави ID.3 Neo

 



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!