Leapmotor ја проширува европската понуда со B05 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Leapmotor ја проширува европската понуда со B05

Кинескиот бренд од портфолиото на Stellantis официјално го лансираше B05 во Европа и со тоа на пазарот понуди еден од најдостапните целосно-електрични автомобили во Ц-сегментот.

Од Leapmotor гордо кажуваат дека B05 е спортски електричен автомобил. B05 е дизајниран да ги обедини емотивниот дизајн, динамичните перформанси и секојдневната практичност.

Leapmotor го лансираше B05 на саемот на автомобили во Познан, Полска, а нарачките се веќе отворени. Продажбата стартува на неколку различни европски пазари и во зависност од локалните давачки, во некои земји може да се добие за 26.900 Евра.

Купувачите ќе можат да изберат меѓу две батерии – една со капацитет од 56.2 kWh (која според WLTP мерењата нуди автономија до 401 километар) и втора, поголема батерија која ја носи ознаката ProMax (сите „зафрканции“ на оваа тема ќе следат наскоро) со капацитет од 67.1 kWh и максимална автономија до 482 километри. Батериата е интегрирана во самата платформа на автомобилот и станува структурен елемент на возилото. Максимално се полни со 174 kW, што пак овозможува дополнување од 30% до 80% за околу 17 минути.

Без разлика на батеријата, B05 е задвижуван од електромотор кој испорачува 218 коњски сили и 240 Nm вртежен момент, а силата се пренесува кон задните тркала. Според официјалните податоци, забрзувањето до 100 километри на час трае 6.7 секунди.

Достапни се неколку бои, а при дизајнирањето, многу внимание е посветено на аеродинамиката. B05 има коефициент на отпор на возудхот од 0.26 Cd, што пак влијае позитивно на ефикасноста и автономијата. Ние веќе го видовме B05 (во пред-продукциска форма) на саемот на автомобили во Минхен минатата година и уште тогаш нè привлече со самоуверениот, спортски дизајн.

Со додавањето на B05 во понудата, Leapmotor сега во своето портфолио има гама на автомобили со кои лесно ќе привлече купувачи. Немаме точни информации кога B05 ќе пристигне во Македонија, но навистина – ова е еден од оние автомобили кои со нетрпение ги очекуваме.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.