ПРЕМИЕРА: Porsche кажува дека Cayenne Coupé Electric е инспириран од 911 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche кажува дека Cayenne Coupé Electric е инспириран од 911

Porsche гордо кажува дека Cayenne Coupé e инспириран од кровната линија на иконскиот 911 – а новиот Cayenne Coupé Electric е најмоќниот Porsche во историјата!

Cayenne Coupe Electric не е неочекувано проширување на новата Cayenne Electric понуда. И однапред, двата електрични SUV модели изгледаат исто – хоризонталните светлосни елементи и чистите површини го потенцираат ставот на Cayenne. Промените се забележуваат по А-столбовите – ветробранското стакло е под поагресивен агол, а кровната линија агресивно опаѓа кон подинамичен и поспортски заден дел. Аеродинамиката е клучна – адаптивниот спојлер и страничните отвори за воздух се функционални, а Cayenne Coupe Electric е 2 сантиметри поблиску до подлогата во однос на „обичниот“ Cayenne Electric.

И сето тоа резултира со коефициент на отпор на воздухот од само 0.23 – импресивно за толку голем и толку моќен SUV.

А кога сме кај моќта, Cayenne Coupe дебитира во три конфигурации. „Основниот“ Cayenne Coupe Electric добива 408 коњски сили, односно 444 коњски сили при Launch Control и достигнува 100 километри на час за 4.8 секунди. Скалило погоре е Cayenne S Coupe Electric кој добива 544 коњски сили, односно дури 666 коњски сили при Launch Control, и достигнува „стотка“ за 3.8 секунди.

На самиот врв е Cayenne Turbo Coupe Electric кој стандардно располага со монструозни 857 коњски сили, односно неверојатни 1156 коњски сили при Launch Control. Резултат на сето тоа? 100 километри на час за 2.5 секунди и максимални 260 километри на час.

Кокпитот е идентичен со Cayenne Electric – а тоа значи силен фокус кон дигитализација – целосно-дигиталните инструменти се комбинираат со вертикалниот централен дисплеј, а достапен е и екран за совозачот. Меѓу другото, Cayenne Coupe Electric добива и надграден хед-ап дисплеј со Augmented Reality функционалности и многу, многу, многу повеќе.

Очекувано, Cayenne Coupe Electric ја дели и платформата со Cayenne Electric – а тоа значи дека ја добива истата 800-волтна архитектура како и огромната батерија со капацитет до 113 kWh. Полнењето е со максимални 400 kW и батеријата се полни од 10% до 80% за само 16 минути – ако имате пристап до доволно брз полнач, секако.

Поврзано:  Електрична елеганција и шпански ритам: Промоција на новиот Porsche Macan


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.