ТЕСТ: BAW 212 T01 Diesel – Станува поинтересно кога ќе снема асфалт! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BAW 212 T01 Diesel – Станува поинтересно кога ќе снема асфалт!

Одамна не нè изненадил нов бренд и нов модел колку што нè изненади робустниот, незапирлив теренец кој пристигнува од Кина.

Ајде веднаш да одговориме на неколкуте неизбежни прашања – што побогу е BAW, како се изговара и од каде дојде во Македонија?

BAW е кратенка од Beijing Automotive Works и се чита Бао или Бау. Брендот е основан некаде кон средината на 50-тите години од минатиот век (да, тоа значи дека постои повеќе од 70 години), а во Македонија пристигнува преку ABC Brother, кои веќе се етаблирани на пазарот како увозници и дистрибутери на возилата од портфолиото на Dongfeng.

Е сега, BAW 212. Односно, технички, BAW е матичната компанија, 212 е брендот а T01 е моделот. Приказната со 212 всушност започнува со BJ212 уште во 1965-тата година кога Beijing Automotive Works започнува да произведува теренец развиен во соработка со UAZ, односно изграден врз основа на UAZ-469. Низ годините, токму BJ212 имал важна улога во кинеската автомобилска индустрија, но бил (и сè уште е) важен и за кинеската армија, каде импресионирал со неговата робустност и теренските способности.

Низ годините, BAW го искористи напредокот на технологиите и сè поголемиот замав на кинеската авто-индустрија, но и огромното искуство со теренските способности за да го усоврши својот продукт и конечно да понуди „цивилен“ теренец кој лесно може да се движи рамо до рамо со неговите значително (значително!) поскапи европски и јапонски конкуренти.

Ако 212 T01 ви наликува на друг модел, тоа е сосем случајно. Идентитетот му е изграден низ годините искуство во теренско возење

И тоа нè носи до BAW 212 T01. Ако ви наликува на овој или оној модел – верувајте, сосем е случајно. Дизанот на 212 T01 е извајан од годините и годините искуство во теренско возење и вистинските, практични потреби на оние кои навистина ги користат ваквите возила.

На предниот дел вниманието највеќе го привлекуваат големите, кружни светлосни елементи и широката предна решетка. Во долниот дел вниманието оди кон огромниот, робустен преден браник кој продолжува кон предните крила и задниот браник.

Формите и линиите се чисти и едноставни, а профилот е типичен за робустен теренец – отсечни линии, рамни површини и фокус кон совладување секакви површини. На задниот дел вниманието оди највеќе кон големото резервно тркало и вертикално-поставените светлосни групи.

Но профилот вистински го дефинираат огромните теренски пневматици, кои со самата појава и димензиите нагласуваат дека тука зборуваме за нешто… Сосем поинакво. Теренските пневматици се во димензии 265/70/R17 и изгледаат како да се подготвени за секаков терен.

Всушност, 212 T01 изгледа како да е подготвен за секаков терен – а тоа е бидејќи навистина е подготвен за секаков терен. Под предниот поклопец се крие 2-литарски турбодизел произведен во соработка со Cummins (кој знае, знае) кој преку 8-брзински ZF автоматски менувач кон сите четири тркала испорачува 170 коњски сили и моќни 415 Nm вртежен момент. А верувале или не, ги исполнува и EURO 6 стандардите!

Вистински теренски хардвер

Како што рековме, силата ја пренесува кон сите четири тркала, а дел од приказната е и редуктор, како и заклучување на задниот диференцијал. Минималното растојание од подлогата е 235 милиметри, аголот на пристапување е 40 степени, аголот на заминување е 36 степени а аголот на прекршување е одлични 23.6 степени. Дополнително може да помине низ вода длабока до 850 милиметри!

И сето тоа значи дека за 212 T01 едноставно… Не постојат недостапни терени. Теренските гуми, редукторот и можноста за заклучување на задниот диференцијал помалку или повеќе гарантираат тракција без разлика на површината. Едноставно насочете го големиот теренец во насоката во која сакате да се движите и внимателно стиснете ја десната педала.

И она што се случува може да се опише само како механичка симфонија. Моќниот турбодизел го најавува своето присуство го испорачува сиот вртежен момент од ниски вртежи, силата пристигнува до сите четири тркала а теренските гуми силно загризуваат и 202 T01 самоуверено и без никакво колебање се движи по патот кон кој ќе го насочите. Без разлика дали е по макадам, низ кал или пак по камења – едноставно, делува незапирливо и неуморно.

Изненадувачки цивилизиран на асфалт

Од друга страна, се однесува изненадувачки цивилизирано кога сме на асфалт. Во ред, во ред, ова не е позерски SUV чие единствено теренско возење ќе биде паркирање на зелена површина пред тренди кафуле – ова е вистински теренец со сите компромиси кои произлегуваат од тоа кога станува збор за возење по асфалт. Но дури и на асфалт, 212 T01 е комфорен и (во рамките на разумното) рафиниран. Сосем коректно се однесува и на автопат при брзини до 100-120 километри на нас, а низ град маневрирањето го олеснуваат камерите и сензорите. Но вистината е дека ова е теренец кој сосем добро ќе се снајде и со носење на децата до училиште, да речеме.

Кабина со сета потребна опрема, па и нешто повеќе.

Плус, во кабината е навистина комфорно. Пред возачот е поставен дигитален дисплеј за параметрите околу возењето, а на арматурната табла е поставен голем дисплеј наменет за инфозабавниот уред. Седењето е високо и доминантно, а повеќето контроли се лесни за користење, без разлика на условите. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, но ќе напоменеме дека управувачот се нагодува само по височина, не и по длабочина.

А има детали кои навистина ни се допаѓаат – внатрешните рачки од вратите делуваат масивно и квалитено (плус, изложените торкс-навртки се одличен елемент), седиштата нудат одлична поддршка дури и кога го гледате теренот од агол од кој навистина не би требало и општо, во кабината се чувствуваме безбедно. Ја има и сета опрема која ја очеквуате – од безжичен полнач за мобилент елефон, до загревање и вентилација на предните седишта, сончев кров, аудио-уред со 8 звучници…

Просторната понуда е повеќе од задоволителна, но ќе напоменеме дека влегувањето и излегувањето е малку потешко поради растојанието од подлогата.

Отворите на задните врати не се преголеми, па тоа би можело да биде пречка за некои. Багажникот е со капацитет од околу 300 литри и кон него се пристапува преку голема петта врата која се отвора странично.

BAW 212 е на свое таму некаде, каде веќе снемало асфалт

Океј, и што значи сето ова? Вистината е дека на пазарот пристигна несекојдневен, способен теренец кој точно знае каде припаѓа и без никаква драма го постигнува сето она за кое е замислен.

Како што рековме, BAW 202 T01 не е позерски SUV. Не е за пред локалниот „кафич“. Тој припаѓа таму некаде, надвор од градот, каде веќе снемало асфалт, каде се чувствува како да е дома и каде му е навистина поинтересно.

Спецификации

Модел: BAW 212 T01 Diesel Standard
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 170 коњски сили
Вртежен Момент: 415 Nm
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: ~13 секунди
Максимална Брзина: 160 километри на час
Должина: 4705 mm
Ширина: 1895 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1936 mm
Тежина: ~2200 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2860 mm
Багажен Простор: ~300 литри
Потрошувачка: 10 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: BAW 212 T01 Diesel Standard – 39.990 Евра
Цена на тестираниот модел: BAW 212 T01 Diesel Standard – 39.990 Евра
Повеќе Информации: BAW Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.