ПРЕМИЕРА: Освежениот Mercedes-Benz EQS добива јарем, нови батерии и рекордна автономија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Освежениот Mercedes-Benz EQS добива јарем, нови батерии и рекордна автономија

Знаменосецот на EQ гамата на Mercedes-Benz добива дискретно визуелно, но темелно технолошко освежување и максимален досег до скоро 1000 километри со полни батерии.

Mercedes-Benz веќе потврди дека ја менува стратегијата за електрификација и дека во иднина постоечките модели ќе добиваат целосно-електрични верзии (како што веќе и се случи со новиот CLA). Сепак, германскиот бренд одлучи да ги „флексне“ своите технолошки мускули и да подготви сериозна надградба за знаменосецот на електричната EQ гама – луксузниот електричен седан EQS.

Со освежувањето, EQS ќе се нуди во четири различни варијанти (барем сега за сега, не знаеме дали во иднина ќе се понудат и други верзии) – основиот EQ 400 кој добива батерија со капацитет од 112 kWh, како и EQS 450+, EQS 500 4Matic и EQS 580 4Matic кои добиваат поголема батерија со капацитет до 112 kWh. Надградени се и електромоторите – па EQS 400 сега има 360 коњски сили, EQS 500 има на располагање 470 коњски сили, додека врвниот 580 4Matic испорачува 580 коњски сили и 800 Nm вртежен момент кон сите четири тркала.

Вистинскиот рекордер е EQS 450+ кој располага со 360 коњски сили, но истовремено има и максимална автономија (според WLTP мерењата) до 926 километри. Истовремено, 800-волтната архитектура овозможува максимално полнење со моќност до 350 kW, што дозволува дополнување 320 километри за само 10 минути. Доколку се „закачите“ на 400-волтен полнач, системот виртуелно „ја дели“ батеријата на две и овозможува симулатно полнење со моќност до 175 kW. За прв пат EQS добива и двостепена трансмисија – првата брзина е наменета за брзо забрзување, додека втората е за зголемена ефикасност при повисоки брзини.

Важен новитет во кабината (за кој веќе пишувавме) е новиот Steer-by-Wire систем, како и новиот управувач кој наликува на управувач во авион и на македонски се вика јарем. Проверивме, прашавме пилот, фала Александра! Новиот систем овозможува директна и прецизна контрола на управувањето, ја намалува тежината и го олеснува влегувањето и излегувањето од автомобилот.

Поврзано:  Новиот Mercedes-Benz CLA е Европски Автомобил на Годината за 2026!

Јаремот и steer-by-wire системот се добиваат по нарачка, а EQS стандардно ќе доаѓа со конвенционално управување. Кабината добива нов MB.OS оперативен систем и MBUX асистент.

Визуелните измени се дискрени – ревидиран е предниот дел кој сега има споен светлосен елемент и наликува малку на CLA, а добива и нова „решетка“ која ја оформуваат осветлени трокраки ѕвезди. Добива и нови предни светлосни групи со нови дневни светла.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.