Nissan го претстави најновиот Juke – храбриот кросовер кој никогаш не се „замараше со правила“ сега е уште порадикален.
Без разлика на критиките од јавноста (па и од автомобилските новинари), Juke секогаш лесно ги наоѓаше своите фанови. Всушност, Juke е вториот најпродаван модел на Nissan во Европа. На прво место е Qashqai, секако, но Juke од неговото лансирање во 2010 се има продадено во повеќе од 1.5 милиони примероци.
Третата генерација (која Nissan ја претстави утринава на на својот глобален настан одржан во Јапонија) повторно прави храбар, радикален чекор. Новиот Juke е поставен на CMF-EV платформата на Nissan – а тоа значи дека е целосно електричен.
Дизајнот е.. Самоуверен, радијакален и на некој начин – токму она кое го очекуваме од June. Површините се комплексни и несекојдневни, а новиот Juke добива свој светлосен потпис на предниот и на задниот дел. Очекуваме и голем технолошки исчекор, за Juke да биде во тек со трендовите, но и во некои сегменти да ги надмине конкурентите.
Сепак, Nissan нема да се задржи само на целосно-електричната изведба. Односно, новиот Juke ќе биде целосно електричен, но постоечкиот ќе се продава и понатаму за Nissan да понуди и хибридна верзија на пазарот.
Јапонскиот бренд планираше новиот Juke целосно да го замени постоечкиот, но промените кај купувачите во однос на целосно-електричните возила го натераа Nissan да ги смени плановите. Сепак, шефот на Nissan Europe – Massimiliano Messina – потврди дека брендот останува посветен на целосно-електрична иднина.
Бидејќи и двата модели ќе се произведуваат во фабриката на Nissan во Сандерленд, во Обединетото Кралство, најавено е дека и минатата генерација на Juke ќе биде темелно ревидирана за да биде во тек со новиот модел. Во најмала рака можеме да очекуваме визуелно освежување, но и технолошко.
Кога сме кај технологиите, не знаеме точно каков електричен погон ќе добие новиот Juke, но од Nissan потврдија дека новиот кросовер ја дели платформата со новиот Leaf – а тоа значи дека би можел да добие батерии со капацитет од 52 до 75 kWh, како и максимални 215 коњски сили кои би се испорачувале кон предните тркала.










