ТЕСТ: Citroën C5 Aircross Hybrid 145 Automatic MAX – Citroën, и сè што тоа значи! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C5 Aircross Hybrid 145 Automatic MAX – Citroën, и сè што тоа значи!

Новиот C5 Aircross се соочува со бројна и упорна конкуренција која доаѓа сите четири страни на светот. И како ќе се бори со неа? Па со тоа што е Citroën, секако!

Првиот контакт со новиот C5 Aircross го имавме пред само неколку месеци кога Citroen нè покани на Мајорка да бидеме меѓу првите во светот кои ќе седнат зад управувачот на новиот знаменосец.

И уште тогаш кажавме дека со новиот C5 Aircross, францускиот бренд прави вистински чекори од седум милји – како дизајнерски, така и технолошки. Но истовремено, ги прави и во храбрите одлуки да се напуштат некои насоки од минатото, а притоа во срцето секој Citroën да биде Citroën.

Едноставно – сè е ново!

И токму тука ја започнуваме дискусијата за новиот C5 Aircross. Бидејќи едноставно – сè е ново. Од новата платформа, до новите погони, па сè до дизајнот и кабината. Инженерите и дизајнерите на Citroen добиле „празен лист“ и целосна слобода да изградат автомобил кој ќе го искористи најдоброто од Stellantis, но истовремено ќе биде безгрешно и непогрешливо Citroen.

На прв поглед, C5 Aircross изгледа значително поголем од својот претходник. И има зошто – меѓуоскиното растојание е зголемено за 6 сантиметри, но целиот SUV е подолг за неверојатни 15 сантиметри. Тоа се должи на желбата да се понуди што е можно повеќе простор во кабината, но и на STLA Medium платформата на Stellantis која токму кај C5 Aircross за прв пат е искористена за модел на Citroen.

Кај C5 Aircross, дизајнерската насока на Citroën е турната до нејзините екстреми.

А кога ќе погледнеме малку повнимателно, всушност забележуваме дека C5 Aircross ја презема дизајнерската насока која Citroën ја воведе кај новите C3 и C3 Aircross, но кај големиот SUV е турната до нејзините екстреми – и би рекле, најдобро му прилега токму нему.

Плус, сакате да знаете нешто навистина импресивно? Пред нешто повеќе од една година, Citroën го покажа концептот со кој го најави новиот C5 Aircross – и дизајнот на серискиот автомобил скоро и да не е променет во однос на концептот!

Формите и линиите на C5 Aircross се чисти, со јасен фокус кон самодовербата на големиот SUV. На предниот дел го препознаваме светлосниот потпис на Citroën со самоуверени дневни светла, а ликот го дооформуваат предната маска и остриот преден браник.

На прв поглед, профилот е типичен за SUV, но по неколку моменти доаѓаат до израз деталите. Од црните заштитни панели околу тркалата, преку заштитниот панел на предните врати, па сè до лебдечкиот кров и мускулестите површини – C5 Aircross ги нагласува неговите димензии.

На задниот дел вниманието веднаш оди кон (повторно би рекле налудничавите) задни светла. Задните светла се делумно „исфрлени“ од каросеријата и на задниот дел на C5 Aircross му даваат неочекуван геометриски потпис.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Кажете му hello на Citroën ELO!

Кога пред неколку години „седнавме на маса“ со главниот дизајнер на Citroën, тој ни кажа дека дизајнот на францускиот бренд нема да се навраќа кон минатото, туку силно ќе биде фокусиран кон иднината – и новиот C5 Aircross е директен производ на тој пристап.

Кабина… Како во дневна соба!

Ја отвораме широката возачка врата и нè пречекува ентериер кој веднаш изгледа топло и привлечно. Се сместуваме во возачкото седиште и… И ова, ова е асот кој Citroen секогаш го има во ракавот. Седиштата се комфорни и фотелјести, со поддршка токму онаму каде потребна, но истовремено и беспрекорно меки.

И од возачкото седиште најдобро се препознава и впива целосно новата кабина. Пред возачот е поставен голем дисплеј за сите информации околу возењето, а на него може да се проектираат и инструкциите од навигацијата. Тука е и големиот хед-ап дисплеј, а сето тоа е поставено позади нов управувач и нови прекинувачи.

На средината на арматурната табла е вертикално-поставениот 13-инчен мултимедијален уред кој се користи за повеќето функционалности во автомобилот. Системот функционира прилично брзо, а и повеќето функционалности лесно се наоѓаат благодарение на големите икони и површини. Да, екранот е голем – но голем е за да може да биде лесен за користење. Истовремено, системот овозможува лесно безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

Под големиот екран се физичките копчиња за некои од функционалностите на клима-уредот, а веднаш под нив е „тркалцето“ за аудио-уредот кое го носи „шевронот“ на Citroen. На централниот гребен е поставен контролерот за преносот, како и безжичен полнач за мобилен телефон со вградено ладење.

Дополнително, под централниот (или ако сакате, во централниот) гребен има огромен простор со два држачи за чаши и простор наменет за складирање предмети. Инаку, во кабината преовладува чувство на комфор – чувство кое во голем дел се должи и на избраните материјали во ентериерот. Дизајнерите одлучиле многу од површините да ги покријат со мек текстил кој го нагласува „дневнособестиот“ ефект и прави во кабината да е пријатно и опуштено.

Поврзано:  Пристигна и освежениот Citroën C4 X

Задните седишта се подеднакво комфорни и има навистина многу простор. Всушност, би рекле дека токму тука се препознава дека Citroën C5 Aircross ги става патниците на прво место – тие ќе патуваат и кон далечни дестинации во максимален комфор. И задните седишта ги добиваат истите Advanced Comfort материјали.

И конечно, багажникот. Citroen ги препознава потребите на семејствата да однесат и пренесат сè и сешто, па затоа C5 Aircross има огромен багажник со капацитет од 565 литри, односно дури 1668 литри со преклопена задна клупа. До багажникот се пристапува преку огромна петта врата, а самиот багажен простор е модуларен со прилагодливо дно, па внесување големи торби и куфери (и машини за перење алишта, да речеме) не би требало да биде баш никаков проблем. За неделниот шопинг да не правиме муабет.

Адекватни перформанси, изненадувачка ефикасност

И токму со овој тест ја заокружуваме целата погонска понуда на новиот C5 Aircross. На Мајорка го искусивме C5 Aircross со целосно-електричен и плаг-ин хибриден погон, а сега на домашен терен го возевме C5 Aircross со хибридниот погон кој веќе се покажува како особено интересен на нашиот пазар.

Под предниот поклопец се наоѓа веќе добро-познатиот 1.2-литарски лајт-хибриден погон кој кон предните тркала преку 6-степен менувач со двојна спојка испорачува вкупно 145 коњски сили и 230 Nm вртежен момент. Во менувачот е вграден електромотор кој испорачува 21 коњска сила и 51 Nm вртежен момент и соработува со мала батерија, а е конструиран да го задвижува големиот SUV во градски услови во „тргни-застани“ ситуации, но и да го дополни бензинецот при забрзување или пак целосно да го замени во одредени услови.

И како е тоа во пракса? Навистина уверливо! Всушност, и претходно сме кажале дека возењето на струја сосем му прилега на карактерот на било кој Citroën – и истото важи и за C5 Aircross. Во градски услови, голем дел од возењето е на струја, а во големиот SUV е комфорно и тивко. Кога ќе се активира бензинецот рафинираноста не се нарушува премногу, а перформансите се адекватни – 100 километри на час пристигнуваат за 11.2 секунди, додека максималната брзина е 201 километар на час.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Кажете му hello на Citroën ELO!

Иако ови бројки не делуваат спектакуларно, вистината е дека во вистинскиот свет C5 Aircross лесно „држи темпо“ со останатиот сообраќај, без ниту во еден момент да се чувствува како да се напрега. И за тоа сведочи и потрошувачката – за време на неколкудневното тестирање измеривме потрошувачка од околу 7 литри во комбинирани услови, односно околу 8 литри низ град. И тоа е навистина импресивно со оглед на димензиите на C5 Aircross.

Силен фокус кон комфорот

Зад управувачот го добиваме токму она кое го очекуваме – а тоа е силен фокус кон комфорот со суспензија која е нагодена да биде комфорна и да се прилагоди кон подлогата. Но немојте да мислите дека C5 Aircross има непријателски однос со свиоците. Напротив, благодарение на оние иновативни амортизери кои се стандарди кај големиот SUV, движењето на каросеријата е одлично контролирано, а пневматиците придонесуваат кон впивање и на најситните нерамнини. Истовремено, управувањето е доволно интуитивно за верно да ги следи насоките. Во ред, C5 Aircross нема никакви спортски претензии – и тоа е Добра Работа – но управувањето е доволно директно за да имате доверба од еден свиок во друг.

Најсилниот аргумент на C5 Aircross е дека е Citroën!

И добро, по сето ова, каков е заклучокот? Како ќе се бори C5 Aircross со неговите конкуренти? Па со тоа што ќе биде Citroën, секако! Францускиот бренд не отстапува од своите вредности и таленти, ниту пак се откажува од ставот дека патувањето треба да биде комфорно и опуштено. Најсилниот аргумент за C5 Aircross е дека е Citroen – и сè што тоа значи!

Спецификации

Модел: Citroën C5 Aircross Hybrid 145 Automatic MAX
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, лајт хибрид
Моќност: 145 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 11.2 секунди
Максимална Брзина: 201 километар на час
Должина: 4650 mm
Ширина: 2108 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1695 mm
Тежина: 1650 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2790 mm
Багажен Простор: 565 – 1668 литри
Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Citroën C5 Aircross Hybrid 145 Automatic You – 29.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Citroën C5 Aircross Hybrid 145 Automatic MAX – 36.240 Евра
Гаранција: 2 години / неограничен број на километри
Повеќе Информации: Citroën.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.