Dacia подготви освежување скоро за целата гама – го затегна Sandero, Duster и Bigster добиваат нов погон а електричниот Spring добива нови батерии и нови електромотори.
Освежувањето за Sandero, Sandero Stepway и Jogger доаѓа во повеќе различни форми. Jogger добива хибриден погон со 155 коњски сили кој комбинира 1.8-литарски бензинец со 109 коњски сили со електромотор со 50 коњски сили и интересен автоматски менувач со четири брзини за бензинецот и две брзини за електромоторот. Овој погон испорачува 155 коњски сили и 170 Nm вртежен момент и овозможува лесно секојдневно возење и врвна ефикасност. Според Dacia, Jogger во градски услови може 80% од времето да вози на струја.
Дополнително, Sandero, Sandero Stepway и Jogger добиваат и нов, помоќен 1.2-литарски flex-fuel турбо-бензинец кој сега има 120 коњски сили, а погонот комбинира бензин, плин и автоматски менувач. Мазниот автоматски менувач со двојна спојка е замена за 6-брзинскиот мануелен менувач, а за прв пат кај Dacia менувањето може да се издрши и со палки позади управувачот. Dacia ги зголеми и резервоарите за LPG (од 40 на 49.6 литри кај Sandero и Sandero Stepway, од 40 на 48.8 кај Jogger), што пак овозможува автономијата на LPG да е зголемена за 20%. Според Dacia, вкупната автономија сега е 1590 километри за Sandero, 1480 километри за Sandero Stepway и 1450 километри за Jogger.
Овие три модели се првите кои го добиваат новиот светлосен потпис на брендот, со превртено Т над предните светла. Задниот дел добива редизајнирани LED Pixel задни светла и ги следат контурите на крилата. Во кабината добиваат нов мултимедијален систем поставен на екран од 10 инчи кој има и поврзана навигација и безжично полнење на мобилен телефон.
Интересен новитет има и кај Duster и Bigster – и тоа во форма на новата Hybrid-G 150 4×4 изведба. Ова е интересна светска премиера – за прв пат се нуди фабрички-вграден систем за LPG кај хибриден автомобил. Погонот комбинира 1.2-литарски лајт-хибриден турбо-бензинец кој кон предните тркала испорачува 140 коњски сили, со електромотор поставен на задната оска кој испорачува дополнителни 31 коњска сила. Вкупната, системска моќност е 154 коњски сили, додека бензинецот испорачува 230 Nm кон предните тркала, а електромоторот уште 87 Nm кон задните тркала.
Бензинецот е впарен со 6-степен автоматски менувач со двојна спојка, а електромоторот со менувач со две брзини. Овој менувач на задната оска овозможува испорачување висок вртежен момент кон задните тркала од ниски вртежи. Автомобилот може да вози и само на струја, а со користењето на LPG како гориво се овозможува евтино возење дури и кога работи моторот на внатрешно согорување, како и импресивна вкупна автономија до 1500 километри.
И конечно, Dacia го надгради и малиот електричен Spring. Централниот дел од платформата е зајакнат за да може да прими нова батерија со капацитет од 24.3 kWh. Добива и нови стабилизатори и освежена суспензија, но најважни се новите електромотори. Spring сега може да има електромотор со 70, односно 100 коњски сили, кои ги заменуваат старите мотори со 45, односно 65 коњски сили.


















